2 години со вас!
Токму на овој ден, 27 август, пред цели две години, ја отворив мојата Инстаграм страница, и го пишав мојот прв пост. Немав никаква идеја за ништо, никаква посебна цел, освен онаа најважната – да создадам едно „катче“ за сите семејства, на кое ќе ги соберам на купче сите релевантни и потврдени информации за доењето, лактацијата, родителството во тој поглед…
„… Од таму и името на оваа страница.
Доење со љубов.
Без страв од неинформираност, без грижи од незнаење. Единствено со многу љубов. …“
Од тогаш па наваму, тоа мое мало „катче“ прерасна во една прекрасна голема заедница, која брои преку 5750 членови. Семејства доаѓаат, семејства заминуваат, но, едно нешто останува во ова катче како константа – мојата посветеност, мојата љубов, како и едукацијата и покревањето на свеста во врска со нашиот концепт за доењето.
Во текот на овие две години, можам да кажам дека навистина вложив време, труд, и многу љубов, сѐ со цел да го афирмирам доењето во нашето поднебје:
~ организирав два поголеми едукативни настани за доењето по повод светската недела на доење 2021 и 2022;
~ изготвив курс за доење кој е првиот курс кој детално ја обработува темата доење, веќе година и пол се одржува секој месец, и кој помогнал на многу семејства да ги остварат своите цели и да имаат успешна доенечка приказна;
~ изготвив 12 едукативни работилници кои опфаќаат широк спектар на теми од обаста на лактација и доење,
~ ко-автор сум на првиот „џебен прирачник за доење“, кој беше промовиран за време на светската недела на доење 2021;
~ го концепирав првиот документарен филм за доењето на нашите простори, кој беше дел од програмата за светската недела на доењето 2022, а е во завршна изработка и ќе биде наскоро прикажан со своја премиера;
~ 14 пати интерактивно се напивме кафе, споделувајќи искуства на мајки, но кафе се напивме и со интервјуа со експерти од оваа област;
~ остварив соработка со светски познати и реномирани експерти како Dr. Jack Newman, Effath Yasmin, кои своето долгогодишно искуство во оваа област несебично го споделија со сите нас;
~ ја изготвив и концепирав мојата веб-страница која очекувам да биде ризница на информации, исто како и моите социјални медиуми;
~ организирав и понатаму ќе организирам Q&A сесии за сите кои имате прашања, и изготвив повеќе видеа за доењето на најразлични теми.
Најголемо задоволство од сѐ ми причинија сите ваши успешни приказни – сите вие кои успеавте да ја остварите својата цел благодарение на нашата заедничка работа на индивидуалните советувања, или пак сите оние на кои ви бев „нечујна“ поддршка – само како резултат на нешто што сте прочитале и ве охрабрило…
Навистина се радувам, бидејќи заедно растевме, и вие со вашите искуства, а и јас – преку континуирана теоретска едукација, но, и со секое ваше лично искуство – за што сум ви бескрајно благодарна!
Како и лани, така и оваа година имам изненадувања за вас по повод 2 години активна дружба! Па отворете ги вашите е-меил адреси, и погледнете го мојот „роденденски“ Newsletter! 🙂
Како и лани, така и годинава подготвив анонимен ПРАШАЛНИК кој ве замолувам да го пополните, и да ми го кажете вашето мислење за мојата работа! Тие што ме знаат, знаат дека вашето мислење ми значи, и вашиот конструктивен фидбек е мојата најголема мотивација!
НЕКА Е СРЕЌНА ОВАA ВТОРА ГОДИШНИНА, И СЕ НАДЕВАМ НА МНОГУ ДРУЖБИ, МЕЃУСЕБНА ПОДДРШКА, И МНОГУ УСПЕШНИ ПРИКАЗНИ И СРЕЌНИ СЕМЕЈСТВА!
Вечно благодарна на мојот драг пријател Дуле за логото.
Неговото отсуство е премногу присутно, а неговото пријателство е нешто кое неизмерно недостасува.