Како до повеќе млеко?
Natasha2025-01-16T13:02:29+02:00… е прашање кое што ретко некој да не си го поставил во своето доенечко искуство.
Дали било тоа на самиот почеток на приказната, кога уште се запознаваме со нашето бебенце, и кога секој плач за нас претставува несигурност во количината на млеко која ја произведуваме, или пак е тоа понатаму во нашата приказна, кога за прв пат се среќаваме со одредена доенечка криза (најчесто околу 3 месеци) и кога бебето одбива да цица… или можеби кога започнуваме со немлечна дохрана, па не сме сигурни како функционира производството на млеко во ситуации кога бебето веќе добива комплементарна дохрана…
… ова е прашање кое барем еднаш сме си го поставиле, и барем еднаш ни направило одредени сомнежи во однос на доењето.
Секако дека е нормално да го поставиме ова прашање – тоа е знак дека доењето навистина ни значи, дека сакаме да надминеме што и да ни е како препрека во моментот.
Живеејќи со родителските одговорности, ваквите прашања ќе се неизбежен дел од секојдневието, и се здраво процесирање на нашиот раст во оваа родителска улога, затоа што отвораат простор за нови перцепции и промени, а со тоа и простор за наша експанзија и редефинирање во нашите пристапи.
Најважно што треба да научиме, е да препознаеме колкаво внимание треба да му посветиме на ова прашање. Дали е само моментален сомнеж кој треба веднаш да го скротиме пред да почне да се разгранува подлабоко, или пак има навистина основа неговото постоење.
Погледнете ја целата слика
За нашето бебенце плачот претставува начин на комуникација. Покрај комуницирање на глад, преку плачот тоа изразува одредено незадоволство, страв, бара поддршка, топлина, сигурност. Не секое плачење е знак за глад, иако најчестиот одговор на плачот е цицање.
Бебето најчесто ќе ја прифати градата и ќе цица, но, тоа не значи дека цицањето ќе е по автоматизам заради глад – бебињата цицаат и за себерегулирање – преку нивниот рефлекс за цицање се регулираат и емоциите, хормоните. Блискоста до телото на мајката делува релаксирачки, допирот и топлината од мајката го смируваат бебето.
За да знаеме дали бебето е гладно, треба да ја погледнеме целата слика. Важни делчиња од сликата се следните:
Активност на града
Следете го подојот и набљудувајте дали вашето бебе е активно на града, дали активно голта – тоа значи дека сте во ефективниот дел од подојот, каде што вашето бебе добива поголема количина на млеко.
Следете дали вашето бебе е добро поставено на града. Поставенста на града треба да е асиметрична, бебето да може да земе поголем дел од ткивото на градата и да направи добар вакуум, носето е слободно, брадата е во градата. На тој начин доењето нема да боли.
Следете ги и градите после доењето – дали чувствувате некаква разлика. Може нема секогаш да чувствувате голема разлика, затоа што градите после одредено време нема веќе да се тврди, но, ќе чувствувате барем мала разлика и олеснување во нив.
Овие се клучните фактори кои треба да се следат за време на доењето, а не само времето поминато на града.
Запомнете: не е важно бебето колку долго седи на града, туку ШТО прави додека е на градата!
Следете ги пелените
Запомнете: „if there is an output, there is an input!” – ако вашето бебенце полни пелени согласно на она што се очекува за таа возраст, можеме да претпоставиме дека нашето млеко му е доволно на бебенцето. Секако, ги следиме сите делчиња од сложувалката со цел да можеме да ја погледнеме целата слика!
Напредок во тежина
Доколку имаме впечаток дека доењето оди добро, дека имаме активност на града од страна на бебето, градите ги чувствуваме испразнети после доење, бебето има барем 8 активни подои во 24 часа (иако јас секој пат велам целта нека ни се 10, дури до 12), пелените се полни, … тогаш вагата би требало да даде потврда на оној впечаток кој што сме го стекнале!
Во никој случај не смее вагата да биде првиот и единствениот знак како ни оди доењето! Додека да дојде денот да се измери бебенцето, ние веќе треба да знаеме генерално што се случува со доењето, и доколку сметаме дека нешто не оди како што треба, соодветно да реагираме!
… кога навистина немаме доволно млеко?
Доколку вашиот впечаток е различен од опишаното погоре, или пак некое делче од сложувалката не ви е сигурно и не ви дозволува да ја погледнете целата слика – побарајте поддршка.
Зголемувањето на количината на млеко се одвива на многу лесен и едноставен начин – со зачестено ефективно отстранување на млеко. Дали ќе биде тоа преку почесто доење, или пак преку измолзување, колку често, како… ? Одговорите на тие прашања се секој пат индивидуални.
Работата со стручно лице ќе ви помогне да го најдете проблемот – дали е навистина количината, или пак бебето не е активно на града? Дали треба да се зголеми количината, или пак да му се помогне на бебето да го добие млекото што веќе го имате? Дали има некакви пречки доколку навистина немате доволно млеко, и како да се надминат? Доколку се измолзите, како да го дадете вашето млеко на бебенцето?
Не ретко се случува мајките да почнат да се измолзуваат, и да го даваат своето млеко со шише, па бебенцето да почне да одбива да цица покажувајќи преферирање на шишето – и се случува да се направи проблем со доењето каде што можеби и претходно воопшто го немало…
Тука би ја напоменила едукацијата како клучен фактор за соодветно препознавање на одредената проблематика – откако ќе го дефинираме проблемот, лесно би знаеле да најдеме и повеќе решенија за истиот.
Запомнете: едукацијата е најдобар начин за справување со сите проблеми, а поддршката, дадена во вистинскиот момент може навистина да влијае на тоа како ќе изгледа вашето доенечко искуство!