Светска недела на доење
Оваа година, светската недела на доење, која традиционално се одржува во периодот од 1 до 7 Август во организација на World Allience for Breastfeeding Action – WABA, по втор пат ја прославивме и во нашата земја, заедно со Јасна Апостолски – Николов од Центарот за мајки „Здраво Бебе“.
Како и лани, и годинава сѐ започна најпрвин со преведување на логото и постерот, и детерминирање на преводот на годинешниот слоган: „заложи се за доење – едукација и поддршка“. Огромна благодарност на Маја Цветкова.
Потоа следеше детерминирање на програмата. Согласно слоганот, идејата беше да ги интегрираме сите оние учесници во оној „топол синџир“ на поддршка за кој зборува WABA. Па така некако спонтано ја составивме годинешната програма, која интегрираше три видови на активности, и би можеле да ја поделиме во три фази.
Во првата фаза сакавме да ги поттикнеме семејствата да се заложат за доењето – да ги споделат своите искуства на темата, да ги споделат своите фотографии, сѐ со цел да го направиме повидливо доењето на самите социјални медиуми, и на некој начин да го сместиме онаму каде што треба да е сместено – во нашето нормално секојдневие.
Па во периодот од 1 до 4 aвгуст на нашите социјални медиуми се споделуваа фотографии на кои беше преставено доење, без разлика дали доењето е во домашни услови или во јавност, ниту дали е ексклузивно или со поддршка, ниту пак дали е на мало бебенце или поголемо детенце… се радувавме што имавме прилика да погледнеме едно прекрасно шаренило од искуства, мигови на милост и љубов, кои верувам успешно оставија впечаток во нашето секојдневие. Се споделија и приказни, искуства, некои полни среќа, некои полни тага – сите бескрајно искрени и полни емоции.
Благодарни сме на сите семејства кои ја споделија својата приказна, кои споделија миг од нивното секојдневие, и успеаа да го доближат доењето токму онакво какво што тие го доживуваат.
На 5 aвгуст се заложивме како стручни лица во оваа област, со цел да дадеме поддршка преку едукација на сите семејства: заедно со Јасна Апостолски – Николов, мед.сестра и IBCLC, и др. Драгана Емел Маркоска, спец.педијатар организиравме средба во Градскиот Парк – Скопје. Бевме многу радосни што се сретнавме со многу семејства и имавме прилика да разговараме на тема „доење и хранење на бебиња“.
Следните два дена беа посветени на заложување за доењето преку едукација – но, не само на семејствата, туку особен акцент ставивме и на едукација на здравестените работници кои се клучен фактор во успехот на доењето, бидејќи се оние кои што се први во контакт со семејствата во оној специфичен и многу важен период за доењето и лактацијата – веднаш по породувањето.
На 6 aвгуст се одржаа две презентации кои имаа за цел поддршка преку едукација. Првата презентација со наслов „Мит бастинг: Доење“ имаше за цел да ги разреши сите митови со кои семејствата секојдневно се среќаваат во нивното родителско секојдневие, а кои не само што не се корисни, туку знаат и да се „виновни“ за проблемите во искуствата со доењето. Додека во втората презентација целта беше да им се укаже на семејствата дека доењето доаѓа со одредени предизвици, но, со добро менаџирање на истите од страна на стручно лице – кое има соодветна едукација во областа на доењето и лактацијата, тие предизвици воопшто НЕ претставуваат крај за доењето.
Последниот ден ја „затворивме“ програмата со претпремиерен приказ на првиот аматерски документарен филм за доењето наречен „Доење со Љубов“, чиј што концепт го развивме заедно со Златица Петковска. Филмот во својата работна верзија се прикажа online, а до крајот на годинава би требало да ја има својата официјална премиера.
Филмот има за цел да го документира доењето во нашите простори такво какво што е денес, сега, во овој момент, и да оствари еден траен запис, едно сведоштво за ова наше секојдневие.
А за самото финале ја оставивме презентацијата на овогодинешниот почесен гостин, Dr. Jack Newman – педијатар и IBCLC од интернационалниот центар за доење во Торонто. Исто како и лани, и годинава идејата беше да имаме реномиран гостин од странство (лани гостинка ни беше Effath Yasmin и ја затворивме програмата со приказ на нејзиниот прекрасен документарен филм „Untying Breastfeeding“ како и едно прекрасно интервју кое можете да го погледнете ТУКА).
Не можам да ја опишам возбудата кога добив потврден одговор од Dr. Newman на поканата да биде дел од нашата програма, земајќи во предвид дека се работи за човек кој својата кариера ја има посветено во оваа област.
Заради временската разлика, а и желбата презентацијата да оди со превод, се договоривме да направиме снимена верзија, која е наменета за сите семејства, но особено е наменета за сите здравствени работници и професионални лица кои работат во оваа област.
Dr. Newman несебично го сподели своето речиси 40 годишно искуство во ова поле, со презентацијата наречена “што не ве научија за доењето за време на вашата едукација“.
Од срце се надеваме дека оваа програма беше корисна за сите оние кои бевте дел од истата! Благодариме на вашето бројно присуство – вие сте ни мотивација!
А ние продолжуваме да сме вредни и понатаму – следете нѐ на нашите социјални медиуми, и бидете информирани за сите наши тековни активности, бидејќи нашето заложување за доењето не е само во тие 7 дена во август, туку и во сите останати 358 (359) денови во годината! 🙂