Бродолом
Овој пат мислев дека знам многу повеќе. Првото искуство беше веќе години зад мене; години во кои активно се имав посветено на себеедукација – посетував состаноци со La Leche League, купував практични искуства и знаење. Читав многу, следев сѐ што е ново во оваа област. Овој пат едноставно знаев што треба да направам. Нема да дозволам да се нервирам, ќе сум смирена, и ќе уживам во првите моменти со моето бебенце.
Овој пат имав можност да одберам CBFH (сертифицирана болница која е Baby Friendly). Идејата беше за TOLAC, ама и овој пат породувањето беше со повторен царски рез (заради нестабилна позиција на бебето – карлична и трансферзална).
bonding & skin to skin contact
Овој пат имав искуство какво што читав во литературата – бебето ми беше ставено на мене во контакт кожа на кожа веднаш по породувањето; сопругот беше до мене цело време што ме правеше да сум максимално смирена; инициравме доење кога бебето сакаше. Од самото раѓање – бевме неразделени. Цицаше кога сака, колку сака.
Сопругот беше со мене, се грижеше за менување пелени, гушкање, запознавање; акушерки доаѓаа да видат како сме на секои 2 часа. Иако теоретски знаев дека е „доволно“ – морам да признаам дека ми требаше потврда од акушерките дали случајно му треба дохранување. Откако добив објаснување зошто не треба и како ќе препознаат дека треба – комплетно се смирив. Втората вечер почувствував како „надојде“ млекото бидејќи почна одненадеж да се слуша силно голтање.
Четвртиот ден заминавме дома и продолживме со исто темпо. Доење кога сака, колку сака. Бев полна самодоверба и со нетрпение го чекав првото мерење. Стагнација. Во ред, си реков. Нормално е. Следното мерење – пад во тежина. Следното – повторно пад.
Истите чувства од пред 4.5 години. Истата беспомошност. Вагата ми е повторно непријател. Повторно нешто не е во ред, иако правам буквално сѐ што треба да правам. Убедена во тоа, ме фати инает. „Да му дадам малку време“ – си велев. И тој има жолтица. Спие премногу. Контактирав со Лидерот на групата од La Leche League каде што сум член – шгто ми даде поддршка во целиот овој процес.
Патронажната сестра доаѓаше секој ден да го мери. Секој ден беше рок – „до утре мора да има качено ….. грама!“ – во спротивно, мора да се даде адаптирано млеко. Свесна дека давање адаптирано млеко не е ништо страшно, моето противење беше бидејќи не добив никаква причина. Сакав да знам зошто ни се случува ова. Каде грешам. Што можам да направам за да успееме. Се вклучи и педијатарот порано, заради слабиот напредок во тежина. Од него добив огромна поддршка да дојам, но, да следиме напредок во тежина на максимум 7 дена. Разговарав со него, и претпоставувам дека неговата самодоверба се основаше на фактот што првото дете го доев, па не би требало да сум јас факторот.
Помина првиот месец – бебето не ја врати ниту родилната тежина. Никому не му беше јасно како е можно бебето да цица, да голта, релативно да полни пелени, но да качува околу 400-500 грама во месецот.
На точно еден месец почнаа контролните испитувања. Ехо на препони – да се исклучат кила како фактор. Кардиолошки преглед – да се исклучи срцева маана. Ехо на абдомен – бидејќи често повраќаше – за да се исклучат проблеми со ограните во дигестивниот систем (особено да се исклучи пилорна стеноза). Се направи крвна слика, брисеви, се провери урина; на моја иницијатива направивме и копрокултура. Сите наоди беа во ред. Да продолжам да дојам интензивно.
Доев цело време. Се чинеше дека само тоа правам. И тој бараше да цица често. На час, на час и пол. Се тешев дека првиот месец имаше поинтензивна жолтица, беше навистина тешко да се разбуди. Се тешев дека сега ќе биде поинаку, буден е, ќе добие и сила. Се будев навечер да го дојам. Ако случајно пропуштев толку многу се обвинував… си велев – тие се тие милилитри кои ќе направат разлика. Само уште тие неколку подои. И сѐ ќе се смени.
Во реалноста, ништо не се смени. Неговиот напредок остана да е бавен, а јас не можев да најдам причина за сето тоа. Се обратив на многу места. Почнав интензивно да читам за факторите за недоволен напредок – фактори кај бебето, фактори кај мајката. Фактори кај бебето кои останаа непроверени беа: плиток фат и неефективен трансфер, или пак, генетски фактор. Фатот го имав исклучено, бидејќи ги применував сите методи да е длабок и асиметричен. Остануваше сомнежот за орални рестрикции – но, тој сомнеж беше тргнат уште во самиот почеток, бидејќи ми беше одговорено дека моето бебе нема проблем со јазикот.
Иако никогаш не губеше тежина, неговиот слаб напредок придонесе да излезе од сите статистички криви. На 4 месеци веќе беше предложено да се дава адаптирано млеко.
Да не навлегувам во сите можни препораки кои ги имавме добиено во меѓувреме – згуснувачи на млеко за неговото повраќање, овесни снегулки, малтодекстрин, подготовка на адаптирано млеко со зголемен процент на прашок во соодносот со вода…. решивме да направиме уште една крвна слика. Да ги испитаме подетално и неговите хормони. И овој пат немаше никаков проблематичен наод во резултатите.
Следниот совет беше – да се префрлиме на формула. Околу 600 мл на ден, а доењето да продолжи како досега. Искрено, 600 мл се навистина значителна количина – и знаев дека тоа би значело ризик на нашата врска со доењето. Пред да го направам тоа, решив уште еднаш да се обидам да најдам решение, да најдам одговор, причина… најважно од сѐ – објаснување.
Бев многу свесна и реална дека ако треба да се откажам, мора да е тоа со причина. Во спротивно, нема да можам да се помирам со сето тоа. Бидејќи знаев што значи доењето. Знаев што значи за него, за мене. И воопшто не бев психички спремна да се откажам и да ја изгубам таа врска. Решив да го прегледам и факторот мајка.
Закажав за мене испитувања на тироидата и ехо на градите. И со тие уредни наоди, упатена од мојата Лидерка, се упатив кај лактациски консултант. И таму наидов на поддршка дека е сѐ во ред, и дека немаме некаков експлицитен проблем, правам сѐ што можам – чаеви, апчиња, доење на барање, контрола на пелени и напредок… разговаравме повторно и за IGT или хипоплазија, што повторно ја исклучивме бидејќи го доев претходното дете. Јазикот не го погледна, бидејќи разговаравме дека орални рестрикции се исклучени како фактор.
Продолжив да дојам, но навечер да давам по 40-50 мл формула и тоа преку еден ден. Со само 200 мл дополнителни и тоа вкупно во 7 дена (тоа се по 30 мл дополнително на ден!) се забележа разлика во напредокот. Толку мала количина која навистина не би требало да направи разлика. Ниту ако ја дадеме, ниту ако не ја дадеме. Консултантот ме советуваше следната недела да не давам и да видиме како ќе оди – повторно послаб напредок.
Моето бебе направи пет месеци. Пет месеци во кои јас не успеав ниту миг да уживам во нашата врска. Пет месеци кои беа полни фрустрација, грижа, испитувања, неделни мерења, стресови, сожалување, обвинување, немоќ и гнев – заради неможноста да се најде објаснување.
5 месеци
Моето бебе се развива супер, ги дистигнува сите развојни точки согласно возраста, но, моето бебе едноставно нема тежина која одговара на статистичките криви.
Повторно се преиспитував што може да биде, повторно читав и проверував, и сѐ ме насочуваше на една иста тема – проблем со фатот. Дали е навистина во прашање проблем со јазикот? Решив да закажам на орален хирург. И таму ми кажаа – нема проблем. Не е подврзан јазикот. Френулумот не е видлив.
Во последен обид за решавање на работата, пишав и на реномирани лактациски консултанти од кои учев, чии што книги ми беа водилки во мојата неформална едукација. Истиот одговор – фатот на града. Ако сум сигурна дека добро го местам – да се провери орална рестрикција.
Започнавме со немлечна дохрана на негови 5 месеци и 10 дена, бидејќи на оваа возраст е подобар чекор отколку воведување на адаптирано млеко. Пишав порака и на мојата Лидерка, каде што ја искажав својата фрустрација од контрадикторни мислења (повторно!) – и двете дојдовме до едно многу важно сознание. Сите прегледи на моето бебе за одредување дали има орална рестрикција се направени со визуелна инспекција на јазикот. Ниту еднаш не беше направен преглед на неговата функционалност.
Со нејзина помош, најдовме лактациски консултант кој има познавања од оваа област, лоцирана во другиот град – и без никакво размислување, закажавме преглед во првиот можен термин. Неколку денови пред да наполни шест месеци, моето бебе беше детално прегледано, и конечно добивме одговор – рестрикција на заден дел од френулумот (posterior tongue tie). Кога викам детален преглед – се прегледа латерализација на јазикот, можност за остварување и задржување на ефективен вакуум, преглед на горното непце, преглед на нашето доење – цела историја, преглед на доење, преглед на моите гради после доење…
Препорака – да се дохранува два пати на ден со сет за дохранување директно на града (SNS) по околу 60 мл, и да размислиме дали сакаме да закажеме френотомија (процедура за ослободување на френулумот). Ми беше кажано дека добивал одредена количина која што задоволувала генерална ситост, но, не успевал да ја добие потребната количина за да напредува согласно статистики. Ни беа објаснети придобивките и ризиците од френотомијата. Без размислување закажавме термин за френотомија уште веднаш – наредната седмица.
Френотомијата беше направена со ласер во ординација кај детски забар. Искрено – беше трауматично искуство за мене како мајка. Потоа следеше тежок период. Период во кој правевме вежби за да не зарасне како претходно (на секои 2 часа), и дење и ноќе… плачење, болка.. и признавам, не ми беше воопшто пријатно.
Се тешев дека е ова чекор кој е подобар да се направи порано. Се тешев дека бил логичен чекор кој е и превенција од многу други потенцијални ризици (апнеа, проблеми со дентиција, кариес, проблеми со говор…)..
Дохранував две недели со 120-150 мл вкупно, два пати на ден. Кога можев – измолзував мое млеко, кога не стигав – давав адаптирано млеко. Доењето продолжи да е интензивно, како претходно. После две недели, намалив на едно дохранување во ден по 70 мл… и после еден месец, престанав со дохранување, и останавме на оброкот и доење.
Напредокот беше повеќе од очигледен. Мерењата продолжија да се на секои 7 дена, но секое мерење покажуваше навистина голем напредок. Секако дека тоа се должи и на воведување на комплементарна дохрана, но, земајќи во предвид дека првиот оброк беше воведен на 5 месеци и 10 дена, вториот на 7.5 месеци, а третиот на 9 месеци, верувам дека и доењето играше голема улога.
Иако нашата приказна дојде до некоја разврска, ќе бидам искрена и ќе кажам дека имаше моменти кои беа навистина голем предизвик – емотивно. Се обвинував себеси, дека мојата желба да дојам ги надминува сите рационални граници. Го обвинував него, дека не ми го дава она искуство кое го замислував. Знам како звучи сето ова. Чувствував осуда од околината, се чувствував како некој екстремист кој „по секоја цена“ мора да успее. Од свои себични потреби. И по цена на здравјето на бебето.
И тоа е навистина голем товар да се носи со себе. Среќна сум што во никој момент не бев оставена да го носам сама. Мојот сопруг беше цело време до мене, ми даде невидена поддршка, беше „рационалниот“ во целата ситуација, оној непристрасен екстерен набљудувач кој имаше обврска да ми каже ако моите емоции се мешаат во мојата можност да донесам рационална одлука. И сум благодарна, затоа што сум свесна дека тоа сигурно не било лесно ниту за него.
Долго имав некоја горчина во себе. И знам дека има полоши ситуации во животот од оваа. Но, секој со својата планина. Само што оваа планина не требаше да ја искачувам сама. Оваа планина требаше да е со водич, со објаснување, со многу поголема поддршка од онаа то ја имав – за која сум неизмерно благодарна! Благодарна сум на Андреа, мојата лидерка од LLL, која нѐ гледаше секој месец, и не можам да ја опишам нејзината емпатија и енергија да го „сврти светот“ за да најде контакти, и да ме упати каде треба да одам; љубезноста и разбирањето на д-р Бруни која конечно ми даде одговор на мојата шестмесечна агонија (за која неодамна дознав дека не е веќе меѓу нас). Со мене беше и Јасна Апостолски – Николов, која ми беше ветер во грбот да продолжам напред… и благодарна сум и на мојот педијатар, кој навистина ме поддржуваше во рамките на неговите можности.
И не, воопшто не се чувствувам како победник. Непротив. Изгубивме многу. Пола година од животот на моето дете јас не бев тука. Јас бев отсутна, потиштена. Пола година целото мое внимание го потрошив на истражување, фрустрација, гнев, наместо да уживам со своето ново бебе, да уживам во прошетките, да уживам во оние први моменти на запознавање…
Дали вредеше? Секако дека да. Би го поминала тоа повторно за да го задржам ова што го имаме. Бидејќи доењето е многу повеќе од храна. Тоа е врска меѓу нас, во која што уште уживаме.
И наместо да сум тажна што немав „лесен“ почеток, научив да сум среќна. Бидејќи овие мои две искуства ми дадоа многу повеќе од било која книга што ми има дадено досега – ме научија каде се пропустите во системот, и ми дадоа личен увид во борбата, болката, фрустрацијата која ја носиме како мајки. Ми отворија и нови видици – дека доењето не било воопшто како што ни се прикажува. Доењето не е „сѐ или ништо“. Доење е хранење на/од града. Дури и кога е поддржано од дохранување – бидејќи се работи за врската, не (само) за храната.
Се мислев како да ја наречам оваа приказна, ова искуство, со еден збор. На крај, го избрав зборот „бродолом“. Ама онаков кој што ти го крши бродот на кој што си, но по цена на тоа, успеваш да испливаш и да застанеш на уште поцврсто тло.
И не – не би менувала ништо од моите приказни, иако ми донесоа болка. Ама сфатив дека болката е сосема нормален дел од родителското секојдневие. На крајот, јас сум благодарна.
Неизмерно благодарна на моите деца – на првото, кое ме научи да дојам со љубов; и на второто, кое ме научи кој жар го носам во себе и порив да сум поддршка на семејствата кои се соочуваат со проблеми – токму онаа поддршка која ми беше и мене дадена, и која ми донесе мир и љубов.
Наташа, ноември 2021