од мојот дневник: 8.2.2015
Natasha2023-02-26T14:56:27+02:00Земајќи во предвид дека се работи за една умешност која ја совладуваме заедно со нашето бебе, во текот на самото запознавање, навикнување еден на друг, на нашата топлина, мирис, љубов… доењето не ретко доаѓа со одредени предизвици кои и те како можат да влијаат на нашата емотивна состојба во тие први мигови.
Завчера си најдов мејл кој сум го пишала пред цели 8 години, со кој барам помош за доењето, во кој опишувам што сѐ ни се случува, какви коментари добивам, какви насоки. Пишувам колку се чувствувам осамено, целата полна со двоумење дека советите кои ми се даваат ќе нѐ доведат кон нешто спротивно од она што јас го посакувам… и колку сум беспомошна што не добивам одговор зошто ни се случува ова. Мејлот решив да го објавам на мојата веб-страница, и верувам дека ќе се пронајдат многумина од вас во него. Можеби проблемот нема да е истиот, но, немоќта која се чувствува со секој пишан збор, во белината меѓу зборовите – во некажаното, е нешто кое што го имаме заедничко сите ние – родители кои не можат а да не се почувствуваат осамено и немоќно. Неслушнато. Изолирано. Можеби и до некаде дискредитирано.
Не ретко на моите солзи им се лепеше етикета „хормоните се“. „Ќе ти помине“. Но, никој не сфати дека не се работи ниту за хормони, ниту за моментално „бејби блус“ расположение.
Се работеше за немоќ да сфатам што ни се случува, да изолирам добар од контрапродуктивен совет, да добијам соодветни инструкции зошто ни се случува нештото, и како да продолжам за да го решам тоа што ни се случува.
Во прилог текстот од мејлот:
„ …Ве молам за совет. Девојчето мое утре прави еден месец и е само на доење. Но, имаме проблем со нејзиниот напредок во килажа.
Се роди 3740 г. со 52 см, а од болница излезе со 3500 г. Кога нѐ пуштија од болница, препораката беше слободно доење на барање на новороденото плус дохрана со шише калма (на медела) по 30 мл на секои 3 часа.
Искрено, сметав дека имам доволно млеко затоа што ги осеќав градите тешки кога се полнеа, а детето од раѓање си има одличен рефлекс за цицање, па не гледав причина за дохрана (а и сум против дохрана во случај кога навистина нема потреба).
Нормално, како секоја мајка штотуку вратена од болница со прво дете, вечерта во целото плачење се посомневав дека детето е гладно и дека немам доволно млеко, па на неколку пати спремивме дохрана. Секој пат дохраната ја фрлавме, затоа што детето го плукаше тоа млеко (а пробавме да и го дадеме и со шише, и со шприц, и лажиче…).
За два дена отидовме на контрола, затоа што не бев сигурна во ништо. Таму ја прегледаа, беше падната во тежина, 3440 г. Ме прегледаа мене и констатираа дека имам млеко, видоа како цица, пробаа да и дадат дохрана – ја плукна, и се согласија дека најубаво ќе е да си тераме со доење ама на секои 2 до 2,5 часа.
Се држев колку што можам до тоа, но не секогаш успевав. Некогаш ја ставав почесто на града (иако ми викаа дека не треба така затоа што на детето не му се варела храната, па му се мешало млекото), а навечер се случи и да отспијам 5 часа и да прескокнам подој (детето навечер не се буди и може да спие и по 8 часа).
На мерење ни закажаа за 3 дена, каде што покажа 3550 г. Следно бевме за 4 дена (чести контроли заради папочето и амонијакален дерматит), каде што покажа 3540 г., т.е. без пораст. Ми препорачаа поинтензивно доење, и евентуална дохрана (еден оброк навечер, за да сум поспиела). Јас продолжив без дохрана.
Следна контрола беше за 4 дена, каде што ништо поинаку не направив, а детето покажа 3680 г.
Следна контрола беше пак за 4 дена каде што детето покажа само 40 грама пораст – 3720 г.
Следната контрола беше на 5ти овој месец, после 6 дена од претходната, каде што мереа пораст и во должина, обем на глава и сл. Тежина 3780 г, пораст од 5 см во должина – 57 см. Сите останати параметри одлични, освен тежината а и дерматитот што е во бавна санација…
Веќе на овој преглед (речиси месец после раѓањето – 9 јануари), ми кажаа дека порастот во тежина е слаб и дека треба да се даде дохрана два пати дневно по 75 мл.
Најискрена да бидам – на секое одење кога ќе ја стават на вага јас полудувам, стрес ми е сето тоа мерење, што ќе каже бројката, а кога ќе речат дохрана – ме фаќа нервоза…
И овој пат реков не.
Ве молам советувајте ме ако грешам, и ако сум никаква мајка која што го остава детето да е со послаб пораст, но како што читав потребни се 4-6 недели за надоаѓање асално на млекото и воспоставување на лактација и уредно доење, така што решив да чекам до 6 недели и да не попуштам.
Она што мене не ми се допаѓа тука е што никој не се заинтересира зошто е тоа така… Дохраната е веднаш одговор за се. За мене не е. Сакам да пробам сѐ што можам пред да дадам дохрана. Многу ми е страв да не го редуцира доењето и да го скрати траењето на процесот.
Породена сум со царски, ако тоа има некаква врска.
Решив да ја мерам секој ден дома, а еден ден да се молзам и да и дадам со лажиче или шише (калма) за да видам колку млеко имам. Решив и да ги укинам сите капки кои и ги давав за грчеви и гасови (инфа калм како пробиотик, еспумисан, бебе вит, среќа и го укинаа и нистатинот…) да не случајно тие пробиотици ја протеруваат и нема време да ја обработи храната (може врска нема сето ова, ама сепак). Во однос на мерењето истиот ден ја измерив за да имам нулто мерење, завчера покажа 80 г плус, а вчера 20 минус. Значи 60 грама за 2 дена.
Денес решив не ја мерам, затоа што уште толку ми е стресно.
Вчера се молзев цел ден со електрична пумпа, на секои 2,5 часа, но не сите подои. Во меѓувреме имав подои затоа што детето и покрај испиено млеко од шише плачеше за цицка.
Сабајлечки измолзив 70 мл од лева + 30 од десна. Во текот на денот просекот од двете гради е околу 50 – 60 мл вкупно. Но, левата е таа што има поголем капацитет, десната цело време дава само 20 мл…
Иако вчера измолзив 380 мл, претпоставувам дека со подоите во меѓувреме детето си добило до кај 500 – 600 мл (ако е тоа потребната количина)… Бидејќи прв пат се молзам, приметив дека системот на пумпата е послаб од оној на детето, па сметам дека не грешам ако кажам дека детето има капацитет за повеќе да извлече при цицањето отколку со пумпата.
Според ова, претпоставувам дека имам доволно млеко…?
Би сакала и да прашам дали е нормално десната да е со послаб капацитет, и што да направам освен често празнење за да го зголемам капацитетот…
Денес после молзењето ги осеќам градите ко почесто да се полнат…
Детето има аптетит, речиси цел ден е на града, особено претпладне… Навечер легнува накај 1 часот, и ја дојам еднаш во меѓувреме накај 4 (пробувам два пати ама не успевам да се разбудам) па после станува накај 7… Вечерните подои се додека спие – ја земам и ја нудам градата, ја скокоткам, и ќе фати по некое време… Спиејќи почнува да цица, малце се буди бидејќи млазот млеко и доаѓа како пријатен шок, па си цица активно околу 10 -15 мин со паузи, и уште 10 – 15 мин си цицнува и се успива на града. Ја враќам во креветче и продолжува да спие. Овој начин ми изгледаше како најбезболен и најмирен.
Инаку, најважното – детето е мирно, не плаче (претпоставувам гладно дете би плачело), моча и кака редовно, нема никаква индикација дека нешто му фали.
Целиот овој период јас немам мир. Кого и да консултирам добивам различни а не ретко и контрадикторни мислења… Не сакам да сум мајка која го гледа детето дека не напредува а оди со главата во ѕид, но не сакам да не се борам за да сме на ексклузивно доење, а немам тука на кој да му се обратам. Не знам до кога да си дадам фора, т.е. кога е границата (временска веројатно) каде што веќе има закани за здравјето на детето… Сакам сѐ да направам за да сме само на екслкузивно доење.“