Приказната на Сара
Natasha2023-08-11T16:43:26+02:00Покрај приказните што ги објавив за време на светската недела на доењето, во инбокс ми стигна оваа прекрасна доенечка приказна за една мајка која и покрај сите препреки успеала да си ги дои своите близначиња. Решив да ја споделам со сите, со надеж дека ќе ви даде мотивација и надеж дека со добра едукација и поддршка, речиси сѐ е возможно!
„Здраво драга Наташа,
Ти пишувам со цел да споделам едно позитивно доенечко искуство со близначиња, кое успеавме да го воспоставиме сами, наспроти сите од семејството кои ни велеа дека е невозможно. Тука многу голема ментална поддршка добив од содржината на твојот Инстаграм профил Доење со љубов, за кој сум неизмерно благодарна што постои!
Имено, бев породена царски и првото дете ми го донесоа првпат после цели 2 дена, по неколку часа почна да цица. Наредниот ден го донесоа и другото. Иако беа многу ситни, имаа многу солиден рефлекс за цицање. 5 недели пред пораѓајот почнав да користам ланолин за брадавиците, немав испукани брадавици и рани, дали беше до ланолинот или до децата,или и двете заедно не знам ама во тој поглед поминав супер! Млекото ми надојде природно после првиот ден со доење, дури имав и премногу првите недели додека да се регулира, што е доста карактеристично за близначките бремености.
Во болница бевме 12 дена, излеговме со препорака за екслузивно доење на барање на бебињата. Девојките цицаа често, првите недели буквално по цел ден поминував во доење. Напорно е и многу истоштува, а дополнително имав огромен притисок од домашните кои велеа дека не може една мајка да дои две деца, дека не е возможно и слично, и покрај тоа што првата контрола на педијатар имавме одлични бројки во однос на килажа и секако останавме со истата препорака за ексклузивно доење.
И тука повторно следеа еден куп ужасни коментари, дури ни со доказ не го прифаќаа тоа дека не треба да им даваат АД со сила на децата.. страшно. Постојано се плашев да не навистина не е доволно, колку и да не сакав да ми влијаат тие ужасни коментари,сепак ми влијаеа. Уште еднаш морам да кажам дека во тие месеци твојот профил ми беше најголема поддршка, полн со корисни совети, со утешителни myth bustings (моја омилена категорија) и со одговор на многу мои дилеми. Благодарение на тој профил,знаев дека сум на прав пат и продолжив да си го следам инстинктот. Цицаа сѐ до 1 годинка, кога јас решив дека е време полека да намалиме и целосно да прекинеме.
Со ова сакам да допрам до сите идни мајки, особено до мајките на близначиња. Не се сомневајте во вашето тело, верувајте му на мајчинскиот инстинкт и правете го со вашите најмили она што ви доаѓа природно! И не дозволувајте околината и стресот да ви го одземат најмагичниот дел од раното мајчинство. Секогаш навремено обратете се за помош кај стручно лице доколку имате проблем.
Со многу љубов,
Сара“
За сите семејства кои сакаат да се едуцираат подетално на оваа тема – истото тоа можат да го направат преку Модулот 15: „Доење на близнаци“ од Модулните работилници.
Овој модул ја обработува темата „доење на близнаци“, давајќи клучни информации за тоа како да се воспостави доењето кога имаме повеќе од едно бебе, кои сѐ предизвици постојат кога доиме близнаци, на што треба да се внимава, како да се оствари лактацијата ако бебињата имаат пореба од престој на неонатолошкиот оддел и многу други детали кои се поразлични кога се работи за близначиња.