Партнерот и доењето
Natasha2023-04-26T12:46:05+02:00Секогаш кога пишувам за доењето, пишувам децидно и гласно дека се работи за една врска меѓу мајката и бебенцето, која опфаќа многу повеќе од „само“ начин на хранење. Еволутивно гледано, оваа врска има огромна психолошка, емотивна, хормонска позадина, која експертите често ја поврзуваат и со менталното и физичкото здравје на бебето како и на мајката. Јас би нагласила дека изненадувачки е фактот за многу семејства кои ги растат своите дечиња со доење, дека таа врска претставува и една поприлично успешна воспитна родителска алатка.

Но, на сето погоре кажано, многу е важно да го отвориме прашањето – која е улогата на таткото/партнерот во оваа врска? Ако доењето ни помага да се поврзиме со нашето дете, како да се поврзи таткото, или друг член на семејството? Што може да направи за да ја оствари оваа врска?
Сите останати работи!
Иако партнерите не се инволвирани во хранењето на бебето, тие можат да ги прават сите останати работи поврзани со грижата за бебето (а и за мајката).
Она што треба да го знаеме е дека самото хранење не нуди поврзаност со бебето – клучен фактор во поврзаноста е допирот и контактот што се остварува со бебенцето! Затоа, партнерот и те како има важна улога во семејството и има една широка листа на активности кои може да ги прави со бебенцето, и да изгради одлична врска со него.
- носење на бебето во слинг или во кенгур
Носењето на бебенцето е одличен начин за поврзување, особено за смирување на бебето бидејќи нуди топлина, блискост, бебето може да ни го осети нашето дишење, срцевото биење, нашиот мирис – сето тоа го прави носењето одлична метода и за справување со плачливо бебенце!
- шетање со бебето низ домот и надвор
Поминување време со бебенцето во моментите кога мајката не дои е одличен метод за поврзување со бебето, но е и одличен метод за грижа за мајката. Со тоа ќе ѝ дадете оддишка, простор за одмор, кој и те како е потребен и секогаш добредојден!
- читање приказни
Иако бебињата не разбираат конкретно што им се раскажува, сакаат да слушаат гласови – големи се шансите вашето нежно читање или раскажување да биде многу пријатно за вашето бебенце.
- менувајте пелени на бебето
Тоа е обврска на двајцата родители!
- контакт кожа на кожа со вашето бебе
Корисноста на поминувањето време во директен контакт кожа на кожа со вашето бебе е огромна, не само за мајката (бидејќи ја поддржува лактацијата) туку и за партнерот! Студија покажала дека партнери кои поминуваат време во директен контакт кожа на кожа со бебињата имаат повисоко ниво на оскитоцин (хормонот на среќата и поврзаноста).
- направете бања за вас и за бебето
Ова е прекрасен начин да уживате и да се опуштите не само вие, туку и вашето бебенце (земајќи во предвид дека во фаза новороденче голем период претходно го поминало во вода).
- помогнете на мајката во ситуациите кога треба помош
Грижата за мајката е огромна во првиот период по породување – нејзиното тело поминало низ голема промена и низ голем напор – бременоста и породувањето, и не само физички, туку и емотивно. Затоа – поддршката од партнерот е од огромно значење за мајката, особено во првите најранливи мигови.
- држете го бебето во магичната позиција за држење кога има грчеви
Сигурно сте слушнале за „леопард на гранка“?
- нишкајте го бебето и пејте му песнички
Бебињата сакаат милозвучни звуци како и благи движења кои ги потсеќаат на времето кога биле во матката.
„Ама и мојот сопруг сака да го нахрани бебето и да се поврзи со него“…
Вистинската задача на партнерот е да го поддржи доењето, а не да се натпреварува со истото. Можеби ви рекле дека партнерот може да го храни бебето со шише, но, не е воопшто вредно доколку тоа хранење биде причината за проблеми со доењето.
Наместо тоа:
- бидете поддршка за вашата партнерка и штитете ја од критики
- гответе за нејзе и грижете се за нејзе, за таа да може да се грижи за вашето бебе
- сослушајте ја, и поддржете ја да најде соодветна поддршка за нејзините цели
- без грижа, за неколку месеци ќе бидете и вие голем дел од хранењето на бебето – и тоа во фаза кога вашето бебе ќе го разбира тоа!

Не заборавајте да си бидете поддршка еден за друг. Повеќе студии досега имаат покажано дека најголемиот фактор за успех во доењето претставува поддршката од партнерот!
Станувањето родител е предизвик сам по себе, за кој и те како ни е потребна меѓусебна поддршка!
Дали сте знаеле дека речиси сите подготовки за доење имаат за цел да ги едуцираат двајцата партнери, а не само мајката?
Повеќе информации можете да најдете тука.