…што е доење?
Пред некое време поставив прашање на моите социјални медиуми – што за вас претставува доењето? Овој пост го посветувам на сите ваши одговори, сите ваши искуства, со надеж дека заедно ќе успееме да го промениме нашиот иницијален светоглед и да го сместиме доењето онаму каде што нам највеќе ни одговара.
Факт е дека нашата перцепција за доењето како процес поминува низ одредена метаморфоза. На самиот почеток, пред бременост, па и за време на бременост, доењето е начин на хранење на бебето, т.е. начин на обезбедување млеко како основен извор на храна. Оваа перцепција секако дека е точна. Но, она што е непознато за многу голем дел од нас е дека оваа перцепција е концизна и површна; имено – оној кој се решил да ја искуси оваа „авантура“ сфатил дека самото значење е далеку подлабоко од она што нам ни го прикажува општеството.
Личното искуство е огромен фактор во самата метаморфоза на чинот на доење и обликување на нашата лична и индивидуална перцепција за него.
Уште еден фактор е „леснотијата“ со која сме го воспоставиле доењето, бројот и тежината на предизвиците, како и исходот од соочувањето со нив. Имено, ако успееме да доиме после одредени предизвици, најчестите емоции кои ги доживуваме се „гордост, победа, истрајност“ и сето тоа може да е огромен дел од самодовербата како родители. Додека негативен исход во соочувањето со предизвиците може да е причина за дополнителни предизвици со самодовербата, чувство на неуспех, чувство на тага, анксиозност, кои некогаш може да резултираат со негативна перцепција за процесот на доење како и обезвреднување на значењето на доењето и неговата корист за мајката и за бебето.
Знам дека оваа тема е многу специфична, и дека има најразлично значење за секој од нас, но, ако не се охрабриме да зборуваме малку погласно за истата само заради „незгодност“, не сме ни во можност да го согледаме вистинскиот проблем кој лежи сокриен во позадината.
Досегашното мое искуство ме научило дека постои само еден единствен корен на сите предизвици, еден единствен проблем од кои понатаму се разгрануваат сите други потешкотии, а тоа е: недостатокот на релевантни информации.
Од таму започнува сѐ. Недостатокот на информации резултира со една општествена несвесност и ненамерна игнорантност која на глобално ниво го засега јавното здравје, а на локално ниво и физичкото и менталното здравје на семејството. Самиот чин на доење е толку потценет и земен „здраво за готово“ што многумина од нас воопшто не биле поттикнати ниту мотивирани да посветат малку повеќе време и размислување за неговото основно и еволуциско значење.
Недостатокот на релевантни информации е главен виновник и за нашите нереални очекувања за однесувањето на нашите новородени бебиња, кои се најчестите бариери во воспоставување на една успешна и сигурна доенечка врска.
Кога зборувам за нереални очекувања, поконкретно мислам на сите оние општествено прифатени митови со кои речиси секое семејство се соочува во своето секојдневие: започнувајќи го моментот дека млекото „доаѓа“ неколку дена после породувањето и за тоа време е неопходно дохранување, потоа бебињата „мора“ да имаат одреден „ред“ – тоа е еден социолошки концепт кој се коси со сето она што е инстинктивно, со најосновните потреби на едно мало и кревко новороденче, а тоа е да биде заштитено. Не ретко слушаме совети кои се однесуваат на едно такво „испланирано“ секојдневие – на кој интервал бебето треба да цица, на кој интервал треба да спие, колку време треба да спие бебето, каде треба да спие бебето – сите тие „наметнати“ очекувања не даваат вистинска слика за реалноста. На тој начин тие се првата бариера која ја ниша самодовербата на новите родители, и која и те како има влијание на воспоставувањето на доење, како и воспоставувањето на лактација.
Веќе имам пишувано за рефлексот на цицање и неговата улога за нашите бебиња (и дечиња), и имам пишувано дека доењето е многу повеќе од (само) мајчино млеко или метод на хранење.
Доењето пред сѐ е врска, контакт, блискост, чин на прибежиште кон едно од најсигурните места за нашите деца, сензорна дразба, хормонска регулација, … самиот чин помага во оформување на мускулатурата на лицето, на коректно оформување на елементите во усната празнина кај бебето. Истовремено претставува извор на храна – најдобрата храна која е строго „скроена“ и наменета за нашето бебе.
Земајќи го сето ова во предвид, она што треба да се запрашаме е: која е вредноста на овој чин, на оваа врска, конкретно за нас?
Тука ќе се вратам на најголемиот проблем – недостатокот на релевантни информации. Семејствата не добиваат никаква едукација – ниту основна – за тоа како да „менаџираат“ со доењето и што да направат за да успеат во својата цел. Целиот систем низ кој поминуваат семејствата во текот на бременоста, за време на породувањето и после тоа, е така концепиран, што истиснува една од поважните теми за грижа на нашите бебиња. И тоа ќе биде така, сѐ додека на доењето се гледа само површно – единствено како метод на хранење.
Па кога семејствата имаат одреден предизвик, системот (свесно или не) ги разочарува, па следна „врата“ на која тропнуваат е онаа на нашето опкружување (потесно и пошироко семејство, пријатели и сл.) кое имало искуство со доењето. Поддршката која се крие позади оваа врата е навистина многу важна, но, знае да биде „нож со две острици“ – бидејќи не ретко се случува индивидуалното искуство да биде рефлектирано како генерално, што кај некои семејства не што нема да помогне, туку и ќе одмогне.
Повторно проблемот е во недостатокот на релевантни информации. Токму како што напоменав погоре во текстот – општествените очекувања се нашата следна бариера, проследени со неможноста да се прифати концептот на индивидуалноста. Што подразбирам под тој концепт?
Едно од главните правила во областа на лактацијата и доењето е дека „секој доенечки пар е различен“. Па кога се даваат совети, информации, често се заборава на индивидуалноста на инволвираните – ниту една мајка не е иста со другата: постојат разлики во количина жлездено ткиво, во капацитет на складирање на млекото; исто така важи и дека ниту едно бебе не е исто – затоа совети за доењето кои се наметнуваат како „универзални“ (пр. колку гради од подој, колку време, на кој интервал….) не се основаат на факти ниту на докажани податоци, и никогаш не смеат да бидат решенија на сите предизвици.
Една сосема друга димензија
Често давам акцент на индивидуалното значење на чинот. Значи не само што сме сите ние различни, туку сосем е во ред да имаме различни цели кога се работи за доењето. Зборуваме дека доењето е врска – но што тоа значи од аспект на индивидуалност? Имено, како и секоја врска, доењето може да изгледа онака како што ние сакаме да изгледа. Не знам дали некој Ви го кажал тоа, затоа што во нашето секојдневие имам чувство дека изборот кој се нуди оди во две крајности – или се дои ексклузивно, или се дава замена за мајчино млеко (адаптирана формула).
… но, што доколку крајностите не ни одговараат. Зарем нема нешто „во средината“?
Секако дека има! Тука се оние родители кои дојат и дохрануваат; кои посвојуваат деца и индуцираат лактација за да можат да ги дојат, иако некогаш посвоеното дете не е веќе бебе; кои се прават планови како да ги дојат своите деца со расцепи на устата и непцето, родители кои се измолзуваат и го хранат своето бебе ексклузивно со мајчино млеко, или комбинирано со адаптирана дохрана… и мнооогу примери кои навидум делуваат несекојдневни, но реалноста е дека воопшто не се. Во текот на мојата едукација се сретнувам со многу вакви примери кои за мене лично отвориле нова перспектива на овој чин. И она што ми е мене неприфатливо, е што овој простор „измеѓу“ – е простор во кој можеле да се пронајдат многумина кои се „сместиле“ во двете крајности (иако им било неудобно), доколку им била дадена шансата. Бидејќи најчестиот проблем кој го имаат семејствата со кои сум имала контакт е дохранување (без разлика дали со мајчино млеко или формула) кое се одвивало на начин кој е ризичен за доењето. И со некоректно менаџирање на ситуацијата, дошло до предвремено одбивање на бебето од града, понекогаш и без семејството да знае зошто се случило тоа.
Значи повторно се враќаме на најглавниот проблем – недостаток на релевантни информации. Многу од семејствата очекуваат максимална поддршка од места каде што и би требало да ја добијат… и веројатно мислат дека ја добиваат… но, резултатите на крај го потврдуваат спротивното.
Секоја капка мајчино млеко е од бенефит за нашето бебе / дете (настрана го тргам финансискиот товар кој резултира од дохранувањето со соодветните адаптирани замени).
Ако го знаеме тоа како факт, зошто замижуваме пред целиот оној простор помеѓу едната и другата крајност? Зошто ни е навистина тешко да излеземе од некои навики и протоколи кои знаеме дека не се од корист ниту за семејствата, ниту за јавното здравје?
Не можам да не ги споменам и сите оние семејства кои чувствуваат дека „потфрлиле“ доколку не успеале да ја постигнат онаа „крајност“ на ексклузивно доење. Дали би било полесно доколку навистина заедно ја посетиме таа „средина“ и видиме што сѐ навистина може да биде… дали тоа би помогнало во нивното секојдневие и предизвиците на емотивно поле со кои се соочуваат бидејќи доењето за нив завршило, но не по нивна желба… И се прашувам – дали со соодветна едукација ќе научиме како подобро да се разбираме како родители, како семејства, и наместо да се осудуваме и натпреваруваме, ние ќе си помогнеме едни на други во остварување на нашите цели? Особено со тоа што ќе сфатиме дека нашата цел може навистина да е различна од туѓите очекувања?
Само со излегување од таа „зона на комфорот“ верувам дека можеме да го подобриме нашиот концепт за “родителство“. И верувам дека вреди. Бидејќи врската која ја остваруваме со нашите деца игра огромна улога во градење на нивниот карактер, оформување на нивниот концепт и гледиште кон светот, како и во развојот на нивното физичко и емотивно здравје.
А доењето е еден од најосновните инстинктивни методи на остварување на оваа љубовна врска со нашето новородено дете.
Доволен доказ за тоа се и Вашите одговори на мојата анкета „што за вас претставува доењето?“:
„Едно од најубавите нешта што сум ги доживеала, љубов…“
„Исхрана и конекција со бебето/детето.“
„Привилегија“
„Љубов, близина, мајчинство, утеха, лек, храна…“
„Магија“
„Многу љубов, гушкање, посветеност, врска“
„Момент на спојување на детето на неопислив начин и незаменливо чувство и искуство“
„Љубов“…
„Љубов што не може да се опише“
„Неколку минути во кои постоиме само јас и бебче“
„Храна и емотивна врска со моето бебе, сѐ“
„Нешто најубаво, кога ја гледам како цица уживам и јас истовремено“
„Најголема привилегија и за мајката и за бебето“…