Roses Revolution Day
Оваа година, по повод светскиот ден за борба против насилство врз жената, 25 Ноември, за прв пат во нашата земја се организира движењето Roses Revolution Day, кое се концентрира на неправдата и насилството што се случува во родилиштата. Целта на проектот е покревање на свеста за ситуацијата во родилиштата, со надеж за промена и (по)емпатичен пристап за време на породувањето.
Roses Revolution Day претставува една мирна револуција против отсуството на почит према родилките во родилиштата и физичкото и психичкото насилство за време на раѓањето. Секоја роза е симбол за тагата која родилката си ја носи дома, за болката поврзана со непријатните спомени од нејзината породилна приказна.
Затоа, на 25 ноември, родилките оставаат роза пред родилиштата која е нивниот глас, нивната симболична завршница која им носи ослободување од таа болка; понекогаш заедно со розата оставаат и порака до персоналот во родилиштето или дел од својата приказна; додека пак бројот на рози пред родилиштата е огледало на реалноста за самото родилиште и конкретна потврда за потребата од промени.
Иницијативата се раѓа во Шпанија во 2011 година од страна на активистката Jesusa Ricoy. По две години, на 3 ноември 2013 година, неколку учесници на Конференцијата за човекови права за раѓање во Белгија дознаваат за идејата зад оваа мирна револуција за достоинствен третман при раѓањето, и за само три седмици успеваат да организираат настан во повеќе земји – Франција, Италија, Шпанија, Велика Британија, Словачка, Чешка, Мексико, Бразил и Колумбија. Од тогаш, оваа мирна револуција расте, и во следните 10 години брои повеќе од 30 земји кои земаат активно учество во истата преку локално организирање на настанот.
Roses Revolution во Македонија е проект кој го започнавме оваа година со Елена Џебр, магистер по клиничка и советодавна психологија, со цел да им се даде глас на сите оние жени, мајки, семејства, како и сите учесници во процесот на породување – да се разгледаат приказните од сечиј агол, и заедно да се работи на идејата – како да се обезбеди човечки емпатичен пристап во родилиштата.
Програмата на проектот се состои од анонимно споделување на реални приказни, слики од положени рози пред родилиштата, а завршува со отворена трибина, на која ќе се дискутира на оваа тема со професионални лица чијашто дејност е поврзана со оваа тематика.
Заради тоа, би сакале да ги охрабриме сите оние кои во себе носат болка, тага, навреда, да ни ја испратат својата приказна, а на 25 ноември да положат роза пред родилиштата каде што им е нанесена неправда – да бидат глас на оваа револуција која претставува надеж за промена – за секоја една жена, за секое едно бебе, за секое едно семејство.
Вашата приказна можете да ја испратите на следниот меил: doenjesoljubov@gmail.com или доколку сакате да го сторите тоа со комплетна анонимност, споделете ја Вашата приказна преку следниот прашалник.
Доколку се решите и да однесете роза пред родилиштето, направете слика, и испратете ни ја на меилот погоре – истата ќе биде споделена како дел од настаните во нашата програма, која почнува на 25 ноември и завршува на 27 ноември.
Програмата официјално започнува на социјалните мрежи со анонимно споделување на испратените приказни и сликите од положените рози. Со споделување започнуваме на 25 ноември на официјалната Фејсбук страница на проектот Roses Revolution Day – Macedonia, а завршуваме на 27 ноември. Фејсбук страницата е официјалното место на кое можете да ги следите сите активности.
Затворањето на настанот се случува онлајн на 27 ноември во период од 17:00 до 19:00 часот со одржување на отворената трибина, каде што учествуваат гости професионалци кои се индиректно или директно поврзани со грижата за физичкото и психичкото здравје на мајката и новороденчето.
На трибината ќе се дискутира за моменталната состојба во родилиштата, различните перцепции на ситуациите, потребата од едукација на жените, потребата од едукација на персоналот во односот со жените, со предлог мерки за подобрување на искуството за сите инволвирани страни.
Ви благодариме на Вашето учество, и што давате глас и живот на оваа револуција…
… бидејќи воопшто не е сеедно како раѓаме, ниту пак е сеедно како се раѓаме…