HM4HB – Македонија
Human Milk 4 Human Babies или во превод „Човечко млеко за човечки бебиња“ е мрежа за споделување донирано мајчино млеко; виртуелно село, кое е составено од луѓе од цел свет, како мајки, татковци, фамилии кои посвојуваат деца, баби и дедовци, професионалци кои работат со семејствата за време на бременост, раѓање, лактација и доење, волонтери, поддржувачи, сите собрани со една единствена цел – да ја поддржат наједноставната идеја дека сите бебиња и дечиња имаат право да бидат хранети со наше, човечко млеко, кое е најдобро и најсоодветно за нивниот раст и развој.
Human Milk 4 Human Babies или HM4HB е глобална мрежа која е застапена преку страници за заедницата за секој регион/покраина/држава. Овие страници нудат простор каде што семејствата на кои им треба мајчино млеко можат да се поврзат со жени кои имаат млеко кое сакаат да го донираат.
HM4HB смета дека човечкото млеко е биолошка норма за човечките бебиња и дечиња и не го поддржува продавањето на мајчино млеко. Оваа страница овозможува некомерцијален простор, кој ќе им служи на сите семејства – простор во кој владее сигурност преку искрено и етичко однесување едни со други, сѐ со цел да се оствари коректна комуникација, која ќе овозможи на семејствата сигурност во нивните објави, како и во носењето на одлука која ќе се основа на сигурни информации.
Темелот на оваа иницијатива е заемната доверба меѓу семејствата кои се спојуваат, бидејќи самата донација и сите контакти се извршуваат директно меѓу семејствата. Страницата служи единствено да им даде простор каде што можат да се најдат и да се поврзат.
Главниот темел е принципот на можност за носење одлука врз основа на проверени информации и во секое време се почитува автономијата на семејствата, тргнувајќи од тоа дека се доволно информирани, едуцирани, а со тоа способни да можат да ги согледаат бенефитот и ризикот од користењето донирано млеко. Иницијативата нуди простор за нивно поврзување, и заштита на нивното право да го направат она што е нормално, здраво и еколошко.
Зошто донирано млеко?
Практиката покажува дека на семејствата воопшто не им се нудат соодветни информации со кои треба да располагаат за да донесат одлука за хранењето на нивото бебе. Има семејства кои воопшто не знаат дека адаптираното млеко се добива од кравјо млеко. Многу семејства знаат теоретски дека мајчиното млеко е најдобра варијанта, но проблемот, според мене, е што не знаат дека не постои вистинска замена за истото.
Тоа значи дека ова е најдоброто нешто што воопшто може да се синтетизира во лабораторија. Но, тоа воопшто не значи дека сме достигнале ниво каде што адаптираната замена на мајчиното млеко е „речиси“ како мајчиното млеко.
Сликата која што ја имаат многу семејства е дека адаптираното млеко е најблиску по состав до мајчиното млеко. Но, што значи тоа „најблиску“?
Не само што сме далеку од такво нешто, туку истото е речиси невозможно.
Невозможно е да се синтетизираат сите оние специфични работи во нашето млеко – имуните фактори, факторите за раст и развој (кои одговараат конкретно за малечките од нашиот род), лакталбумин, лактоферин, серум албумин, нуклеотиди (кои се конструктивни единици на нашата ДНК и РНК); далеку поброен вид на масти, цитокини, пептиди, хормони, ензими, антипротеази, антимикробични фактори, леукоцити (фагоцити, макрофаги, лимфоцити), секреторен имуноглобулин А, гликопротеини, бифидус фактор, лактопероксидаза, олигосахариди (преку 200 различни видови!), матични клетки… Сите тие фактори се многу важни за целокупниот развој на нашите деца – и не зборуваме само за физичкиот, туку имунолошкиот и невролошкиот.
Заради сето тоа, многу семејства кои имаат потреба од дохранување на своите бебиња / дечиња се решаваат тоа да го направат со човечко млеко. Земајќи во предвид дека банките за млеко имаат специфични процедури и некогаш е навистина предизвик да се добие млеко од банка, семејствата се спојуваат меѓусебно со цел да си помогнат едни на други.
Многу повеќе информации, како и одговори на најчесто поставуваните прашања на оваа тематика – можете да најдете на официјалната Фејсбук страница на оваа иницијатива, на која можете и да пишете објава за донирање или побарување на мајчино млеко.
Од срце се надеваме дека овој простор ќе биде од помош за многу семејства, и дека заради него, многу бебиња – особено оние кои имаат неодложна потреба – ќе успеат бесплатно да добијат човечко млеко.