Позиции за доење
Natasha2023-04-26T12:45:09+02:00Верувам дека кога зборуваме за позиции за доење, првата асоцијација која ни доаѓа на повеќето од нас се оние четири најчесто прикажувани позиции (лулка, вкрстена лулка, фудбалска топка, лежечка позиција).
Во овој текст не би сакала да зборувам како да го наместите бебето во тие четири позиции, туку би сакала да зборувам малку повеќе околу еволутивниот и природниот аспект на самиот чин, и што треба да внимаваме кај нас, а што кај нашето бебе.
„Секој доенечки пар е уникатен, па единствената водилка во позициите на доење треба да ни биде удобноста на чинот и ефективноста на подојот“.
Генерално, позициите за доење се поделени во две категории:
- позиции кои се водени од бебето;
- позиции кои се водени од родителот.
Позиции водени од бебето
Позиции кои се водени од бебето се наречени и почетнички позиции, и имаат еден заеднички концепт – бебето има активна улога во позиционирањето и фаќањето на градата. Родителот е најчесто во полулегната положба под агол меѓу 15-65 степени, за да може телото да биде потпрено и мускулите да се во една опуштена состојба. Бебето е заштитено од рацете на родителот, доколку има потреба родителот го придржува и главчето.
Предности на овие позиции се следните:
- бебето има целосен фронтален контакт со што се избегнуваат потешкотии при фаќањето на градата;
- стабилноста во позицијата се случува автоматски, и бебето останува фокусирано на доењето;
- гравирацијата помага за да биде фатот на града подлабок и ги поддржува неонаталните рефлекси;
- бебињата можат да го коригираат фаќањето на градата доколку има потреба;
- бебињата лесно управуваат со протокот, дури и кога е поинтензивен;
- со овие позиции се избегнува притисок кај раната од породување (и во двете ситуации – природно породување и царски рез);
- нема замор на мускулите и вкочанетост и бебето и мајката можат долго да седат во таа позиција;
- релаксација на мускулите кај бебето заради хормоните на доењето му овозможува на бебето уште подлабоко да ја фати градата за време на доење.
Бебето во овие позиции може да биде наместено по долж телото на родителот, или да е преку телото на родителот, странично, или пак дијагонално. Телото на бебето може да биде и поместено со цел да се зголеми удобноста на позицијата. Рацете на бебенцето треба да се оставени слободни, со цел бебето да може да има контрола врз нив, бидејќи се тие важен дел од нивниот внатрешен систем за навигација. Главата на бебето треба да биде повисоко поставена од неговото тело, а нозете треба да имаат контакт со телото на родителот.
Позиции водени од родителот
Кај овие позиции, најважната работа е осознавање на концептот на доење, за да може родителот да знае на што точно треба да внимава кога го позиционира бебето на града.
Нешто кое што треба да внимаваме во овие позиции, покрај нашата удобност, е удобноста на бебето, и да пробаме да ги примениме сите оние бенефити од почетничките позиции наведени погоре.
Стабилност на телото на бебето во позицијата која ја применуваме и целосен фронтален контакт со неговото тело, контакт со нозете негови како и контакт со очите. Бебето треба да е позиционирано така што главата и газето му се во една права линија – на тој начин неговиот хранопровод е прав, и голтањето е навистина удобно. Помага доколку бебето ја зафрли главата наназад, со тоа што уште толку го издолжува хранопроводот и ја зголемува пријатноста на чинот на голтање.
Тоа се постигнува со тоа што родителот внимава бебето да е поставено асиметрично на градата – носето е во правец на брадавицата, чекаме да отвори широко уста и така да земе што повеќе од ткивото на мајката во устата и тоа од долниот дел од ареолата одколку од горниот. За време на доењето носето останува слободно, а брадата на бебето е во градата.
Контактот со бебето треба да биде константен за времетраење на доењето, а го постигнуваме со тоа што не правиме притисок на главчето на бебето, туку во пределот на рамената. Ако на бебето му е потребно да му помогнеме со придржување на главата, тоа го правиме со позиционирање на палецот и показалецот позади ушињата на бебето.
Најчестиот проблем кој го имаат родителите кои користат позиции во кои го држат бебето за доење е губење на контактот со телото на бебето. Подоите на едно новороденче може да траат навистина долго, а нашите мускули на раката, постепено се опуштаат иако имаат товар на нив. Тоа може да придонесе до губење на контактот со бебето и да влијае на длабочината на фатот на бебето на града.
Ако доите во ваква позиција, препораките се да имате потпора за раката во времетраење на целиот подој.
Што е најважно?
Не како изгледаме додека доиме, ниту како изгледа бебето – дали се двете усни нанадвор, дали носето е во градата или не, и сл.
Најважниот фактор е – дали на родителот и на бебето им е удобно; дали се чувствуваат пријатно да се задржат во таа позиција подолго време; дали е доењето пријатно за мајката и дали бебето ефективно цица.
Не е важно во која позиција доите, туку важно е да ја најдете позицијата (позициите) во која (кои) успевате да ги задоволите сите набројани фактори.
Позициите за доење се најважни во првата фаза од доењето, кога на нашето бебе му е потребна помош од нас за да го постигне комфорот при доење. Заради тоа доењето носи најголем предизвик на самиот почеток. Имајте во предвид дека позиционирањето е еден од најважните фактори за успешно доење!
Спремете се навреме за она што ве чека постпородилно – оваа тема, како и многу други се темелно обработени во КУРСОТ ЗА ДОЕЊЕ.