Цигари и доење
Откажувањето од цигари, во било која ситуација е една прекрасна идеја! Постојат толку многу причини зошто би ги оставиле цигарите, и сите нѐ водат кон здравествен (а и финансиски) бенефит.
Кога се работи за бременост и доење, причината заради која треба да сме дополнително мотивирани е дека со продолжувањето со пушење цигари не одлучуваме само за нашето тело и за нашето здравје.
Лесно кажано (напишано), ама не секогаш лесно сторено. Се согласувам.
Овој текст има за цел транспарентно да ги собере сите познати факти досега, и да ги остави на располагање на семејствата. Одлуката понатаму е индивидуална.
Што треба да знаеме?
Пред сѐ, докажано е дека никотинот се пренесува во мајчиното млеко, а некогаш знае дури и да го смени вкусот на млекото. Друго што ни е познато од истражувањата е дека нивото на котинин (хемикалија во која го преработуваме никотинот во нашите тела) во урината на бебињата чии што мајки пушат цигари било десет пати поголемо отколку нивото кај бебиња чии што мајки пушат а се хранети со формула (веројатно резултат на пренос преку млекото). Во последниот период има и истражувања кои го поврзуваат пушењето на мајката за време на доење со одредени ендокринолошки нарушувања и обезитност кај бебето подоцна во неговиот живот.
Кај бебињата на мајки кои пушат има поголема веројатност од појава на колики, а пушењето статистички го намалува времетраењето на доењето. Доколку бебето е изложено на чадот од цигарите, се зголемува ризикот од појава на СИДС, исто така и од појавата на пневмонија, астма, инфекции на ушите, бронхитис и сл. Ризикот за појава на канцер на белите дробови како пасивни вдишувачи на чадот и тука е присутен.
Она што е исто така вредно да се сподели, е фактот дека пушењето може да влијае негативно врз производството на млеко – го намалува производството бидејќи го намалува нивото на пролактин (хормонот одговорен за синтеза на млеко); а може да влијае и врз рефлексот на испуштање на млекото.
Вредно е да се напомене, дека и покрај поврзувањето на пушењето цигари со проблеми со лактацијата, не можеме да исклучиме и секундарни фактори (како на пример несоодветна поддршка во поглед на лактација и доење).
Кои се препораките?
Секако – најидеално е целосно да се престане со пушење цигари.
Во случај да е тешко, тогаш треба да се стремиме кон намалување на цигарите, имајќи на ум дека што помалку цигари, толку подобро.
Најдобро е да се запали цигара веднаш после доењето; не претходно, затоа што може да влијае врз рефлексот на испуштање на млекото. Дополнително, на тој начин го намалувате нивото на никотин во млекото за време на подојот. Што подолго време помине од запалената цигара до следниот подој – тоа подобро.
Секако – не треба да се пуши во истата просторија каде што се наоѓа бебето. Не само вие, туку не дозволувајте никој да пуши во околината на вашето бебе.
Размислете за одредена терапија за замена на никотин како помагало во откажување од цигари. Употребата на терапија за замена на никотин го изложува бебето на помало количество никотин отколку цигарите.
Што е со електронските цигари?
Официјални истражувања за е-цигарите во моментов нема. Се смета дека се посигурни од цигарите, но сепак и тие содржат никотин, а чадот што излегува од нив сепак може да содржи токсични супстанции; иако се смета дека количината на чад и токсични супстанции е релативно е помала отколку кај цигарите.
Доење и пушење цигари?
Знаејќи дека доењето има позитивен ефект врз здравјето на нашите новороденчиња, на пр. заштита од дијареа, дијабетес, нуди имуномодулација и имуностимулација, и многубројни други бенефити.
Студија покажала дека веројатноста на појава на акутни респираторни болести кај бебињата на мајки кои пушеле цигари и доеле е помала, во споредба со бебиња на мајки кои пушеле и ги хранеле бебињата со адаптирана формула.
Од тука, стручните лица се на мислење дека е многу подобро мајката да пуши цигари и да дои, отколку да пуши цигари, да го престане доењето заради тоа и да дохранува строго со адаптирана формула.
Извори: The Breastfeeding Network, KellyMom, LLL International, NHS UK