Интимност и доење
Интимноста со партнерот веројатно е последната тема на која би помислиле во периодот после породувањето. Без грижа! Тоа е нормално. Не само затоа што вашето тело поминало низ едно интензивно и уникатно патешествие, туку пред сѐ, заради хормоните кои после породувањето наоѓаат природен начин да сигнализираат дека интимноста во тој облик најдобро е да биде „одложена“. Како резултат на повисокото ниво на пролактин после породување – хормонот кој е одговорен за синтеза на мајчино млеко, а пониското ниво на естроген, либидото најчесто е ниско, а желбата за тој облик на интимност е поприлично намалена.
До кога ќе трае тоа – нема точен одговор, затоа што е премногу индивидуално, и зависи од повеќе фактори, кои не секогаш се поврзани со спремноста. И тоа е нормално. Животот со мало бебе бара поприлично голема адаптација на секојдневието. Не ретко се случува да се нема време за оброци, туш; сонот е релативно распарчен и го добиваме на „рати“, нашето тело е изморено, бебето бара блискост и внимание; и те како е очекувано сексот да е нешто на кое воопшто не би ни помислиле.
Понекогаш и партнерот го чувствува истото – намалено либидо заради сменетото секојдневие како и процесирање на новото темпо и емоциите од пристигнувањето на новиот член во семејството. Кога сме кај партнерите, вредно е да се напомене дека колку е поголема поддршката од партнерот во првичниот период, во облик на грижа околу бебето и домаќинството, како и во облик на пријател кој сослушува и сочувствува, толку е поголема интимноста меѓу партнерите во семејството. И кога зборуваме за интимност, не зборуваме само за секс.
Контрацепција и доење
Откако ќе се врати желбата, и партнерите се спремни, најчестото прашање е методот на контрацепција. Тука ќе позборуваме околу методите на контрацепција и како истите влијаат на лактацијата.
Во првиот препорачан избор на контрацепција спаѓаат сите оние нехормонски методи: примена на механичките бариери (машки и женски кондоми), дијафрагма, цервикална чаша; вазектомија или подврзување на јајцеводите; примена на спермицидни гелови и сл.
Другите методи се заштита преку следење на овулација, мерење на базална температура, екстерна ејакулација, како и методот на лактациска аменореа.
Лактациска аменореа се нарекува отсуството на менструален циклус после породување, како резултат на (но, и не во сите случаи) лактацијата. Покаченото ниво на пролактин (кое е како резултат на лактацијата) го попречува лачењето на FSH (хормон кој е одговорен за поттикнување овулација). Од тука, кај жени кои дојат (статистички гледано) големи се шансите циклусот да изостанува некој подолг период (или да немаат овулација).
Литературата укажува дека најголем ефект има кај жени кои ги исполнуваат следните услови: немаат добиено менструален циклус, го дојат ексклузивно своето бебе на негово барање без да има подолги паузи меѓу подои од околу 6 часа навечер и 4 часа преку ден, и чие што бебе е помало од 6 месеци (ексклузивно измолзување и хранење со мајчино млеко не влегува во оваа категорија).
Но, многу е важно да се напомене дека овој метод не претставува 100% заштита од бременост, бидејќи секоја една личност е уникатна како и нејзиниот хормонален баланс, кој е одраз на многу фактори и биохемиски случувања во телото, од кои доењето е само едно! Затоа, не се потпирајте премногу на онаа изрека “ако доиш, не можеш да останеш бремена“.
Доклку се користат хормонски контрацептивни мерки, приоритет треба да имаат оние кои се само на основ на прогестин (синтетички создаден вид на прогестерон). Најчесто се во облик на мини апчиња, импланти, инјекции, или интраутерини уреди. Важно е да се напомене дека со користење на овој вид на контрацепција можни се одредени предизвици со производството на млеко, а доколку се примени рано, можно е и да има влијание кај бебето како резултат на прерана изложеност на дополнителни хормони (кои во тој период природно е да се ниски).
Хормонските контрацептивни методи кои се на основ на прогестин и естроген треба да се избегнат, бидејќи ја намалуваат количината на млеко. Светската Здравствена Организација препорачува да не се применуваат пред навршени 6 месеци на бебето (т.е. да се избегне периодот на ексклузивно доење).
Избегнување на хормонските контрацептивни методи се препорачува доколку: постои претходна операција за редукција на градите; се дои повеќе од едно бебе (близнаци, тројки..); бебето е предвремено родено; постои искуство со недоволна количина на млеко со претходно бебе; едната града е значително помала од другата; има нетретирани проблеми со тироидата; има предизвици со плодноста, и секако, при проблеми со секреција на пролактин.
Искреноста и интимноста
Она што е важно кога парот повторно станува активен во ова поле е искреноста; за очекувањата, за чувствата, за методот на контрацепција кој треба да е прифатлив за двајцата, земајќи во предвид и како би влијаел на лактацијата.
Fun Fact – оргазмот доведува до лачење на окситоцин, кој е одговорен за рефлексот на испуштање на млекото; да не се зачудите доколку се случи тоа! Сосем е нормално!
Искреноста е клучен фактор и во враќање на либидото и можното поврзување на партнерите на едно ново и подлабоко ниво.