Цуцла и доење
Цуцлите се еден од оние „must have“ производи на сите листи со потребни производи за бебето, па речиси секое семејство кое очекува бебе има купено барем една цуцла лажливка.
Најчестата примена на цуцлите е за смирување на бебе кога поприлично често сака да цица, или кога сака да биде на градата на мајката ама не цица активно, т.е. „ја користи градата на мајката како цуцла“.
Што треба да знаеме за цуцлата како реквизит? Дали е во ред да се користи? Дали го попречува доењето?
Цицањето за бебињата претставува рефлекс, основен инстинкт со кој тие се раѓаат и истото ги задоволува и нутритивните и ненутритивните негови потреби. Самото доење е чин кој автоматски ги задоволува и двете потреби – претставува храна за бебето, истовремено нудејќи утеха, смиреност и сигурност за бебето, додека цуцлата задоволува само ненутритивни потреби од цицање.
Доењето на новороденче е нешто што се случува со зголемена фреквенција во текот на деноноќието. Но токму со доење на барање на бебето ние ги задоволуваме сите негови потреби (нутритивни и ненутритивни) додека пак честите стимулации за нас претставуваат важен фактор во воспоставување на лактацијата и обезбедување на баланс во производството.
Давањето цуцла во тој почетен период претставува ризик за доењето, од следните причини:
– бебето уште се учи да цица, па различните сензорни дразби може да имаат негативен ефект врз доењето;
– мајката сѐ уште се учи да дои и да ги препознава нутритивните и ненутритивните потреби на своето бебе.
Овие два фактори можат да придонесат до најразлични потешкотии со доењето, како што се:
– одбивање на бебето да цица – бидејќи не сите бебиња се во состојба да ги препознаваат различните сензорни дразби (особено доколку бебето истовремено бива дохранувано со шише);
– адаптирање на фатот на града – оралните движења да бидат прилагодени како тие кај цуцлата (или шишето) – па фатот станува плиток како што е кај цицање од шише и цуцла;
– плиткиот фат на града води кон болки за време на подојот, рани на брадавиците, неефективно празнење на градата, појава на затнати канали, болка, маститис;
– континуираното неефективно празнење на градата води кон намалување на лактацијата:
– недоволен напредок во тежина кај бебето, во ситуации кога бебето не добива доволно млеко на сметка на несоодветна примена на цуцла – ова е нешто на кое треба да се внимава, особено ако гледате дека се намалува препорачаниот број на подои во 24 часа (8-12).
Она што е вредно да се напомене е дека примената на цуцлата се препорачува да е до период од 6-7 месеци, и потоа да се работи на одвикнување. Ризикот од SIDS се намалува после 6 месец од животот на новороденчето, па бенефитот од примена на цуцла е релативно мал во споредба со постоечките ризици за неправилен развој на дентиција (особено доколу се применува после 12 месечна возраст на детето). Тоа е така бидејќи цуцлата, за разлика од градата, има фиксен облик и не е деформабилна како ткивото на градата. Ризикот е развојот на усната шуплина да почне да се прилагодува на нејзиниот облик, за разлика од градата која се обликува согласно усната шуплина на бебето.
Затоа доењето за утеха е многу поразлично од давање на цуцла, и има позитивно влијание врз обликувањето на усната шуплина, со што помага во обликување на горното непце и негово израмнување оставајќи поголем простор за забите на горната вилица. Од тука се намалува и ризикот од кариес, малоклузии, како потенцијални проблеми и потешкотии со говорот.
Уште нешто што е важно да се напомене – цуцлата го зголемува ризикот од појава на кандидијаза во устата на бебето – па ако имате мака со повторлива инфекција (а знаеме дека кандидата знае да е многу „здодевна“ за третирање) пробајте да ја редуцирате примената на цуцлата. Исто така постои докажана поврзаност помеѓу користење на цуцлата и појава на ушни инфекции.
Најважно е да се има во предвид следното – цуцлата треба да се користи за намената која ја има – да го смири бебето. Откако ќе се смири – треба да се извади.
Да не заборавиме дека градата била оригиналната цуцла, а самата цуцла е смислена токму од таа причина – да ја замени градата во ситуации кога на бебето му требало утеха, а мајката не можела да биде тука за него (особено се во подем откако почнува капиталистичкото уредување). Па тргајќи од тука, сакам да потенцирам дека нема ништо лошо во тоа Вашата града да биде „користена како цуцла“ доколку тоа Вам Ви одговара. Самото доење и нудење на градата како утеха нема никакви негативни последици по здравјето на нашето дете (напротив, студиите покажуваат дека има само продобивки).