Приказната на Ивана
Natasha2023-08-01T14:45:40+02:00Јас сум Ивана Јаневска и имам деветгодишна ќерка, токму со нејзе започна мојата доенечка приказна.
Се мислев каков наслов би му дала на текстот. Најсоодветно би било ЕДУКАЦИЈА Е КЛУЧОТ!
За жал, пред 9 год. јас ја немав. Учев on the fly, и затоа почетокот на самото искуство се уште го памтам како трауматичен. Тогаш мислев дека доењето е нешто што се случува природно, рефлексно, бебето си знае како треба, мое е да го ставам на града.
Самата поддршка во болниците е многу слаба, ми ја донесоа малата, рекоа стави ја на града и тоа беше сѐ на тема доење. Тогаш се уште немаше фб групи за поддршка, инстаграм акаунти за едукација, главната намена на јутјуб беше музика, речиси и да беше непознато дека ако впишеш нешто на google може ќе најдеш информации (тоа го правев само за потребите на работа).
После 4,5 дена кога веќе бев дома, бебето не се тргаше од града, градите ми беа разранети, крвави, болни, ми се запали аларм дека морам да побарам некаква помош.
Првата мисла ми беше да отидам во диспанзерот за вакцинирање и да кажам дека имам проблем. На моја голема среќа, една др. Билјана, веднаш сфати што ми треба, ме прими во ординација и ми одржа тоа што до тогаш го немав, обука. Практична обука, со местење, со објаснување на длабок фат, со положбите на доење, со слушање како бебето вшмукува и голта млеко. Wow! Кое препородување, за двете.
Тука веќе можам да кажам дека започна доењето. Но, сепак, тоа е цела наука и има премногу работи што треба да се научат пред да се искусат.
Така дојдовме до момент враќање на работа. Еден бенефит што вработените мајки го имаат е земањето на “час за доење” или завршување на работното време еден час порано. Бидејќи работата ми беше блиску до дома, првите два месеци излегував на пауза. После почна нова фаза, 8 часа на работа без доење. Пак препреки за совладување кои ми дојдоа неочекувано. Немав план дали да намалам подои, дали треба да се одмолзувам итн. Тоа што се случуваше беа преполнети и болни гради, обид да одмолзам да ми олесни, претекување млеко, трчање да се преоблечам, и на неколку наврати кревање температура до 40. Пак многу пробувања да се прилагодам и сфатам како се одвива биолошкиот процес, кога едукација би била сѐ што е потребно.
И доаѓаме до моментот на откажување од доење, размислување како и кога.
Требаше да одам една недела на службено патување и бев сигурна дека тоа е тоа. Поучена од се што ми се случуваше, со преполнување, температура, завршување на итна, решив со мене да понесам пумпица за измолзување за да си олеснувам по потреба.
Така и се случи, немав проблем тие 7 дена, што всушност ми дојде неочекувано, ама мајчинскиот инстикт и веројатно желбата за доење си го направија своето, ја одржав лактација во таа една недела, и кога си дојдов дома, малата прво дојде на града. Бевме превозбудени и двете. Не заборавила, не се откажала ни она. И така уште плус седум месеци си се доевме и уживавме сѐ до навршување на 26 месеци. Тогаш веќе сама изгуби интерес, млекото видно се намали и еден ден едноставно си заспа без доење.
Важноста на поддршката…
Денес, среќна сум што ги имаме Наташа и Јасна, наши сертифицирани консултанти кои сѐ повеќе го шират гласот и допираат до новите мајки. Додека сум во исчекување на второто бебче, поминав една обука кај Наташа, затоа што знам дека ЕДУКАЦИЈАТА Е КЛУЧОТ!
Спремни сме за новиот предизвик … и уживање, а за било каков проблем, сега имам и знам каде да се обратам!
Мама Ивана
Доколку сакате да сте дел од програмата на светската недела на доењето, тука можете да ги погледнете сите планирани настани и да се пријавите за оние од ваш интерес:
програма: светска недела на доењето 2023
Специјален попуст за времетраењето на светската недела на доење (1 до 7 август) имате на следните едукации:
Модул 9: Враќање на работа и доење – можете да го следите со 45% попуст!!!
Курс за успешно доење и лактација – со кодот SND-23 добивате 35% попуст!!!
Доколку имате било какви прашања испратете мејл на: doenjesoljubov@yahoo.com
Среќна недела на доењето 2023!!