Светска недела на доење
Natasha2023-08-11T14:13:07+02:00Оваа година, светската недела на доење, која традиционално се одржува во периодот од 1 до 7 Август во организација на World Allience for Breastfeeding Action – WABA, по трет пат ја прославуваме и во нашата земја, заедно со Јасна Апостолски – Николов од Центарот за мајки „Здраво Бебе“.
Како и претходните две години, и оваа година подготвивме прекрасна програма која има за цел да понуди сеопфатна поддршка за доењето и лактацијата за сите семејства кои се сретнале или наскоро треба да се сретнат со овој уникатен чин. Концептуално хронолошки обмислена, програмата ги води семејствата од самиот прв миг по породување, па сѐ до крајот на првата година, давајќи им поддршка и сигурност на најдобриот можен начин – едукација.
1 и 2 август
Програмата ја започнуваме со покревање на свеста за доењето и лактацијата, каде што во текот на првите два дена од програмата ги користиме социјалните медиуми за да допреме до што повеќе семејства, споделувајќи реални искуства, доенечки приказни, успеси, но, и солзи и предизвици со кои се соочиле семејствата.
3 август
Во просториите на Центарот за мајки „Здраво Бебе“ ќе се одржи едукативен настан на тема како да се справиме со доењето во првите мигови по породувањето.
4 август
Се дружиме онлајн на интерактивната сесија на која разговараме за сите можни предизвици во доењето во првите неколку месеци, како да ги препознаеме и успешно да се справиме со нив.
5 август
Во просториите на Центарот за мајки „Здраво Бебе“ на едукативниот настан на тема како да продолжи доењето кога мајката се враќа на работа, и како успешно да ги организира комбинирањето на оброци и доење додека е надвор од домот.
Специјален гостин на овој настан е Зорица Ковач, мг мед.сестра и IBCLC, која е Претседател на хрватското здружение на IBCLC консултанти за доење, како и Претседател на друштвото на патронажни сестри на Хрватска.
6 август
Се дружиме на онлајн работилницата на која ќе се обидеме да согледаме колку системот во една држава директно или индиректно влијае врз самото доење – од самиот почеток, до концептот на породилно отсуство за еден или двајцата партнери, условите на работното место за мајката, поддршката која ја има (или ја нема) на располагање.
Гостин на оваа работилница е Милена Костиќ, советничка за доење, дула за породување, советник за носење бебиња, интруктор за детски автоседишта, но, на јавноста позната по својот блог и социјални медиуми како „Mama iz magarece klupe“.
7 август
На последниот ден од оваа програма правиме една ретроспектива на сите активности и нивното квантитативно и квалитативно значење, и одржуваме онлајн интерактивна Q&A сесија за сите семејства кои имаат прашања од областа на доење и лактација. Целта на овој настан е да се потенцира важноста на поддршката не само во текот на оваа една недела во годината, туку да се потенцира потребата од една континуирана системска поддршка за сите семејства.
Пријава за настаните
настани со физичко присуство
За настаните кои се одржуваат во Центарот за мајки „Здраво Бебе“ со физичко присуство потребно е да се пријавите на следната мејл адреса: info@zdravobebe.mk.
Местата за настаните со физичко присуство се ограничени.
Сите учесници добиваат мал подарок! 🙂
онлајн настани
Настаните кои се одржуваат онлајн се одржуваат на платформата ZOOM, и за истите е потребно да се регистрирате (за секој настан посебно).
Линкови за регистрација:
- онлајн работилница на 4 август: „првите месеци…“
- онлајн работилница на 6 август: „врската: систем – доење…“
- онлајн работилница на 7 август: „поддршка до самиот крај…“
Напомена: дадените линкови тука се линкови за регистрација, НЕ за следење на настаните. За следење на настанот ќе добиете посебен линк.
ПРОГРАМАТА за светската недела на доење 2023 во PDF формат можете да ја преземете ТУКА.
Следете нѐ на нашите социјални мрежи каде што секојдневно ќе има активности поврзани со оваа тема, и бидете и вие активен дел од ланецот на поддршка на семејства, кои имаат за цел да го овозможат доењето за сите кои тоа си го посакуваат!
Се радуваме на вашето учество и се надеваме на уште една успешна дружба!
Наташа и Јасна