Alcohol and Breastfeeding
Natasha2023-02-24T11:04:43+02:00Ова е едно од најчесто поставуваните прашања од страна на мајките кои дојат: дали смее да се пие алкохол, и ако да, дали треба да се измолзи млекото и да се фрли.
Не ретко мајките добиваат и контрадикторни совети во врска со ова прашање.
Она што е докажано со студии е дека консумирањето алкохол за време на бременоста може да влијае на развојот на бебето во матката. Но, студии кои се однесуваат на доење и алкохол се помалку на број, и истите се концентрираат на ефектите кои ги има алкохолот на лактацијата и на бебето, но, уште не е познато дали има одредени долгорочни ефекти.
Негативни ефекти од алкохолот
Она што го знаеме е дека консумирање на алкохол пред да се надои бебето може да има одредени негативни ефекти: мала до умерена количина на алкохол може да влијае на производството на млеко како и на рефлексот на испуштање на млекото.
И кај бебето постојат одредени можни негативни ефекти: проблем со спиење, зачестено плачење, зголемена РЕМ фаза во спиењето во првите 24 часа откако било изложено на алкохол, намален внез на млеко за време на подојот, намален напредок во тежина.
Во зависност од количината на алкохол и фреквенцијата на внесот, постојат и посериозни последици, како на пр. намалена функција на имунитетот, доцнење во моторниот развој, потенцијален проблем во когнитивниот развој и сл.
Согласно LactMed датабазата:
„Нивото на алкохол во мајчиното млеко е речиси исто со нивото на алкохол во крвта. Пикот на нивото на алкохол во млекото се случува околу 30 до 60 минути после внесот на алкохолниот пијалок. Паралелниот внес на храна го одложува пикот. Доење после 1 или 2 пијалоци (вклучувајќи пиво) може да го намали внесот на млеко кај бебето и до 23% и да предизвика раздразливост кај бебето, како и влошено спиење…“
…ама алкохолот опушта и со тоа се создава повеќе млеко?
Студиите го покажуваат токму обратното – иако јачменот во пивото може да го поддржи производството на пролактин, студиите покажале дека алкохолот го инхибира рефлексот на испуштање на млекото, и со тоа го намалува внесот на млеко за време на подојот.
Од она што го знаеме за механизмот на производство на млеко можеме да заклучиме и дека ќе има намалување на лактацијата, бидејќи колку почесто имаме млеко кое „останува“ во градите, се праќа сигнал да се редуцира производството, па од тука – често доаѓа и до намалување на лактацијата.
…значи одговорот е дека не смее да се пие алкохол за време на доење?
Најпожелно е да се избегне консумирањето на алкохол за време на доење.
Но, повеќе извори укажуваат на тоа дека постои одредена флексибилност во поглед на овие препораки.
Напоменавме дека огромна улога игра фреквенцијата и количината на внес на алкохол. Од тука, се смета дека повремен внес на еден пијалок може да се смета за безбеден со доење.
Што треба да се земе во предвид?
- возраста на бебето: новороденчиња се многу поосетливи отколку повозрасни бебиња (над 2 месеци);
- подојот да е непосредно пред пиење на пијалокот;
- ограничување на еден пијалок (погледнете тука која е дефиницијата на еден пијалок);
- причекајте 2 часа после пијалокот пред да го доите бебето;
- пијте и сок со алкохолот;
- јадете храна додека пиете алкохол – ја намалува стапката со која алкохолот влегува во вашиот крвоток;
- измолзете млеко пред да пиете алкохол и можете да го дадете тоа млеко доколку бебето е гладно во тие два часа откако сте го испиле пијалокот.
Dr. Jack Newman има интересен пост на оваа тема во која детално објаснува зошто еден пијалок се смета за безбеден со доење.
…кога треба да се измолзам и да го фрлам млекото?
Во оној момент кога алкохолот го напушта вашиот крвоток, го снемува и во млекото, бидејќи она што мора да го знаеме за создавањето на мајчиното млеко е дека е константна и двонасочна активност – наспроти верувањето дека се создава во градите и тоа е тоа млеко што останува додека не се испразнат градите (повеќе на темава прочитајте тука).
Заради тоа, измолзување на млекото и фрлање на истото нема да ја забрза стапката на отстранување (метаболизирање) на алкохол од крвта.
Доколку се опијаните, секако дека не треба воопшто да доите додека не се отрезните!
Секако дека во секојдневието ќе излезат прилики во кои на мајката ќе ѝ биде понуден алкохол, или таа ќе посака да наздрави во одредена пригода.
Доењето може да трае и години, што не значи дека мајката за целото тоа време треба да апстинира од внес на алкохол.
Во тие ситуации, најдобро е однапред да се направи план како да се намали изложеноста на бебето на алкохол: да се темпира доењето да е веднаш пред да се напие мајката алкохол, да има можност да се измолзи доколку се наполнат градите и сл.
Извори: CDC, LactMed, La Leche League International, Dr.Newman