Titles in the breastfeeding community
Natasha2023-02-24T18:54:14+02:00Кога зборуваме за титулите во светот на лактацијата, на огромна жалост, зборуваме за титули со кои воопшто не можеме да се стекнеме во рамките на нашата земја, бидејќи не постои ниту еден иститут кој нуди соодветна едукација во оваа област.
Исто така, свесноста за глобалните насоки во оваа област на нашите простори е на релативно ниско ниво – не само во општествени рамки, туку и меѓу професионалните лица – здравствените работници кои работат со семејствата и новороденчињата.
Затоа, не ретко се случува семејствата во нашата земја да бараат поддршка од надвор. Исто така, има и многу мајки кои ми имаат досега пишано дека би сакале да се стекнат со официјална едукација во оваа област (како што се стекнав и јас). Па доколку се интересирате подетално околу тоа зад која титула/сертификат кое образование се крие, се наоѓате на точното место!
Поддршката за доење се нуди во многу облици: од поддршка која има емотивна позадина и охрабрувачки ефект, па сѐ до решавање на комплексни клинички ситуации – целиот тој дијапазон на професионални работници кои работат во оваа област има една единствена цел – да ја обезбеди потребната грижа за семејствата и нивните новороденчиња.
Професионалните лица кои работат во оваа област имаат најразлична едукативна позадина и тренинг, па затоа, кога се соочувате со одреден проблем, важно е да го знаете тој фактор, сѐ со цел да одберете лице кое може да ви понуди најсоодветна поддршка согласно вашата индивидуална ситуација.
Во светот постојат три категории на професионални лица кои работат на поддршка за лактација и доење:
1. Консултант за доење IBCLC
International Board Certified Lactation Consultant
Потребни квалификации:
Лице со едукација од област на медицината, или лице кое има завршено соодветна едукација од одредените медицински области
Потребно искуство / тренинг:
- 90 часа специфична лактациска едукација,
- 300-1000 часови пракса
- успешно завршен испит
Област на работа:
Нуди професионална поддршка во менаџирање на лактацијата, едуцира семејства, здравствени работници и др. во областа на човечката лактација.
2. Советник / специјалист за доење
Тука постојат различни титули кои варираат во согласност со институцијата која ја нуди едукацијата: CLC, CBE, CBS, LEC, BFC, BEC… за истите можете да прочитате тука.
Потребни квалификации:
/
Потребно искуство / тренинг:
- варира во зависност од сертификат и титула: 20-120 часа едукација или пак специфична лактациска едукација (доколку се работи за отскочна даска кон сертификатот за IBCLC),
- успешно завршен испит со кој се стекнува сертификатот
Област на работа:
Нуди професионална едукација и поддршка на семејствата во менаџирање на доењето како и при основните најчести пречки и проблеми.
2. Peer Counselor
Тука спаѓаат организации кои нудат поддршка од мајка за мајка, или од семејство за семејство, како што се La Leche League, WIC Peer Counselor…
Потребни квалификации:
Лично искуство со доење.
Потребно искуство / тренинг:
- варира во зависност од организацијата: 18-50 часа едукација
Област на работа:
Нуди проверени информации за доење, охрабрување и поддршка во општеството.
Согласно моето искуство и едукација, најважното нешто кога бирате лице кое треба да ви помогне во соочување со вашиот предизвик е:
- лицето да поседува специфична лактациска едукација (факултетска едукација во областа на медицината не е доволна);
- да следи новитети во областа на доење и лактација;
- да ве сослуша детално и да направи комплетен преглед на вашата ситуација;
- да е спремно да бара податоци и да истражува со цел да ви помогне со вашиот предизвик;
- да е свесно за своите граници и обемот на работа.
Само на тој начин можете да стекнете доверба, и да ја добиете поддршката која ја заслужувате… поддршката која сите семејства ја заслужуваат.