Раѓање
Ако ме праша некој како би го опишала моето прво доенечко искуство со еден збор, тој збор дефинитивно би бил – „раѓање“. Не само раѓање на моето дете, туку и моето повторно раѓање во улога на родител, како и раѓање на една нова страст, едно ново поле, нов хоризонт, кому до ден денес му ја посветувам мојата љубов и енергија.
Имав слушнато дека кога ќе се породи жената и ќе си го види за прв пат бебето, интензитетот на возбуда и магија не се опишува со зборови. Иако не испадна по мојот план (се породив со царски рез), чинот ме преплави со неописливи емоции…Во тој момент ми се отворија врати кон нови простори во себе, кои не бев свесна дека воошто постојат.
јануари 2015
Доењето во мојот свет не претставуваше предмет на грижа. Сакав да дојам. Толку знаев. И верував дека ќе дојам. Цела бременост бев комплетно преокупирана со породувањето; а доењето некако беше – следствено. Ќе дојам. Толку. Едноставно. Наивно.
Никогаш немав од никој слушнато дека може да биде предизвик, дека ми е потребна едукација.
Откако се породив, се соочив со чудни чувства. И покрај сите подготовки (јога, часови за бремени, подготовка за породување и грижа за бебе на болница) јас сепак не бев подготвена за тоа што следеше. Особено од емотивен аспект. Измешани емоции, љубов со вонземен интензитет, истовремено страв, паника, несигурност, и самото раѓање на мојата лична егзистенцијална криза.
Никој не зборува за тој дел. Сите гледаме во креветчето, убавите бебешки алишта, сите се радуваме на бебето што пристигна… додека ја премолчуваме првата препрека на патот – промената на секојдневието во само еден ден и предизвикот што го носи истата. И не само за мајката, туку и за партнерот.
првото доење
Во болница почнавме со доење следниот ден. Без ред, но не на барање на бебето. Таа беше редовно дохранувана, а од време на време – „вежбавме“ доење. Млеко ми „надојде“ третиот ден вечерта, одеднаш. Дома дојдовме со формула – „за секој случај“.
Уште од првиот момент дома во главата ми пркосеа прашањата: „дали е гладна? Дали имам доволно млеко? Зошто толку многу плаче? Зошто сега толку многу спие? Дали да ја будам? Дали да ја оставам да спие? На колку часа треба да цица? Како изгледа столица на бебе? Колку често треба да моча? И дали ќе знам која пелена е мочана? Како ќе знам ако нешто не е во ред? Дали да чекам да ми се наполнат градите за да ѝ дадам да цица? А што ако побара пред тоа да се случи? Зошто е скоро секоја пелена покакана? Дали е тоа дијареа?…“
Ова е оној момент кој не го покажуваат сликите на социјалните мрежи. И за кој мислам дека мора многу погласно да зборуваме. Затоа што е нормален. Ова е раѓање на Наташа, ама во улога на родител. И како и многу работи во животот, родител не се станува преку ноќ. Родител не се станува по автоматизам. Тоа е нешто кое што го учиме, и го учиме до крајот на нашиот живот.
Во тие моменти, најголемото разочарување дојде од фактот што почнав да добивам совети кои беа комплетно контрадикторни. Не знаев што да направам. На тоа ако додадеме грчеви, и сите теории како да се справиме со истите, што да се јаде, а што не… и плус неспиењето и исцрпеноста која е резултат на сето она низ кое поминало нашето тело… притисокот добива доста поголем размер.
Најголемиот „проблем“ за нас беше што мојата ќерка не сакаше да пие формула и не прифаќаше шише. За бебе кое во болница пиеше од шише формула, кога дојдовме дома едноставно не сакаше. Не сакаше цуцла, не сакаше шише, се чинеше дека не знае што да прави со шишето. Често си викам – тој е оној пресуден момент кој ме донесе тука каде што сум денес. И сум ѝ благодарна од срце за тоа.
На некој начин, јас „морав“ да дојам.
првата ноќ дома
Вториот ден откако си дојдовме дома – се вратив на контрола во болница. Имав огромен страв дека бебето не прифаќа формула, дека не прифаќа шише, и дека заради тоа е гладно. Беше падната 40 грама. Пробаа да ѝ направат формула и да ја нахранат со шише, и таму не прифати воопшто. До тогаш, воопшто не знаев дека постојат бебиња кои не знаат да цицаат од шише. Совет – интензивно да ја дојам. Да не оставам да спие по 6 часа (како што правеше). Од друга страна совети – никако не се буди бебе кое спие. Ако е гладно – ќе се јави. Решив дел да ја будам, дел да ја оставам да спие.
Во едно бев сигурна – јас не бев подготвена на оваа тема. Толку се плашев од породувањето, што комплетно го потценив доењето. И општо – целиот период кој следува. Породувањето е еден ден – грижата за бебето е константа. Веднаш почнав да читам, да барам релевантни извори. Веднаш беше очигледно дека има многу повеќе од она што јас го добивам – има подетални објаснувања, совети, информации кои едноставно имаат логика и причина. И дури наука позади нив. Толку ми стана интересна темата, што секој можен момент го поминував во неформална едукација. Читав. Читав многу – статии, истражувања, туѓи искуства и приказни…
На следната контрола после 2-3 дена имаше напреднато малку. Но, не беше напредокот кој би требало да го покаже. Како што читав, сфаќав дека јас пропуштам стимулации. Дека јас имам многу стимулации пропуштено (се случуваше градите да не се испразнети и по 8 часа), имавме премалку подои, бебето не беше доено на барање – со што и не можеше да го регулира производството кај мене.
Цел месец помина додека се воспостави лактација. Она што не го направив веднаш по породување, морав да го правам во текот на првиот месец. Моето бебе не врати родилна тежина на 14 дена. Мерења на 2-3 дена, секое одење на педијатар ми беше стрес, ко да сум на судење, ко да се одлучува за тоа дали заслужувам да сум мајка на ова бебе. Знам, ќе речете – премногу строго, но, верувајте – тоа е чувството на речиси сите новопородени жени. Препишете на хормони, молчешкум помислувате – нерационалност, но, тие чувства, таа вина е нешто премногу реално со кое се соочуваме. И додека читав, додека се едуцирав, јас сфатив која е причината – недоволни стимулации, недоволно познавање – комплетно промашен концепт за значењето и смислата на доењето.
Решив да се обидам сега со „новата“ шема – кога сака, колку сака. Да не гледам на часовникот, освен ако поминале 2.5 часа – време кое морам да го внимавам за да ми се стимулирани градите. После 20 дена нервози и борба, кривата на графикот почна да оди нагоре. Родилна тежина вратена на 27 ден; потоа продолжи да качува нагоре согласно на кривите за раст и развој.
Она што ми даде мотивација и сигурност, е што научив да ги следам и другите знаци. На прашањето „дали е гладна“ научив дека одговорот е сублимат од повеќе фактори. Она што ми даваше мир е дека секогаш полнеше пелени, секогаш беше задоволно бебе (колку што може да биде едно новороденче).
Моето лично искуство ме натера да се задлабочам на темава. Бев и по малку гневна од сите погрешни совети кои некако перзистираат во секојдневието, правејќи неоснован страв кај мајките, претставувајќи ризик по доењето.
Соодветната поддршка, првенствено од најблиските, а понатаму и од стручни лица, е многу голем фактор во успехот на доењето – особено ако земеме во предвид дека родителите во тие први денови се толку кревки, толку ранливи…
Многу малку треба за да се заштити една ваква врска меѓу мајката и бебето. Некогаш е еден топол збор. Збор патоказ кој нѐ води кон нашиот личен успех. Јас сум благодарна на д-р Јулија од „соба за доење“, која во тој момент беше мој патоказ. И благодарна сум што имав педијатар кој ја почитуваше мојата желба да дојам.
последното доење
Со раѓањето на моето прво дете сфатив колку е важна таа поддршка, од мајка на мајка, или од стручно лице – поддршка која е полна емпатија, а истовремено е основана на студии, факти, релевантни податоци.
Така, приказната со доењето на моето прво дете продолжи да биде комплетно љубовна, полна уживање, цели 29 месеци.
Наташа, ноември 2021