Јас, неформално
Покрај тоа што на страницата имате дел „за мене“ каде што формално пишувам за тоа како јас се најдов тука, што сум по вокација, на што се основа мојата лактациска едукација – сакав да Ви се обратам и неформално, слободно, со цел да ме запознаете нешто подобро мене, како и овој проект наречен „доење со љубов“.
Јас сум Наташа. Мајка на две дечиња. Жена на еден маж. Магистер по технички науки во областа на градежното инженерство, насока – конструктивно инженерство. Пијаното ми е уште една од моите љубови, покрај аматерското актерство и поезијата. Од неодамна почнав и да плетам…
… и сум сертифициран специјалист за доење.
Искрено, ова е една област која не знаев дека постои, пред да станам родител. И тоа е сосем во ред. Како растеме, како ни се шират светогледите, така откриваме нови работи, нови димензии кои не сме биле во состојба да ги согледаме, а од таму се раѓат и нови пориви, нови полиња во кои едноставно уживаме да се вложуваме и од каде црпиме страст и мотивација. Така јас ја открив онаа чиста љубов од врската која што ја носи доењето со себе, истовремено додека осознавав колку е таа врска потценета, етикетирана како неважна, склонета во одделот „може, а и не мора“, без при тоа да се погледне во нејзината суштина.
Моите лични искуства ме донесоа тука каде што сум сега во моментов. Но, таа координата се менува. „Тука“ не е точка, „тука“ е патека по која константно чекорам, се надоградувам, учам, сѐ со цел да можам да помогнам на сите кои сакаат да успеат во остварување на својата цел.
И не. Не сум против формула. Не сум против дохранување од било кој тип. За да објаснам во што верувам, морам да го споделам следниот цитат:
Доењето е повеќе од мајчино млеко… доењето е љубов, врска меѓу двајца кои неизмерно се сакаат и уживаат во овој начин на изразување на љубовта…
Dr. Jack Newman, MD, IBCLC
Да. Ми требаa две доенечки искуства зад мене, и бескрајно длабоко навлегување во тоа што навистина значи доењето, за да сфатам дека воошто не се работи (само) за храна! Не се работи за тоа дали некогаш сме дале формула, дали било малку или повеќе, дали било повремено, или константно… не се работи за тоа дали сме доеле строго ексклузивно, и никогаш не сме дале цуцла и шише… се работи за заштита на нешто кое што му значи на нашето бебе, на нашето дете, на нешто кое ни значи и нам. Не само физички, туку емотивно.
И не, не е вистина дека ако мајката не дои, нема да се поврзе со своето дете. Има многу начини за тоа да се направи. Она што го нуди доењето е еден природен, спонтан начин. Тоа е еволуциска алатка која ја носиме со себе. Потреба која ни е врежана во гените.
Ја почитувам свесната одлука да не се дои. Како што почитувам кога некој мисли дека не сака воопшто да има деца. Она што јас сакам да го пружам на сите е – релевантна информација! Затоа што верувам дека сите важни одлуки во нашиот живот треба да бидат темелени на цврста подлога од издржани и докажани информации. Без таа подлога – сѐ може многу лесно да се сруши… сите идеали, желби и достигнувања да се срушат како кула од карти.
И жал ми е што на многумина од нас несвесно ни е одземено правото да го темелиме нашето родителствување на една ваква цврста подлога. Бидејќи овој „проект“ кој сме го започнале – бивање родител – е единствениот проект во кој никогаш не можеме да речеме дека сме спремни да го водиме. Не сме воопшто со првото дете, а не сме ни со второто, третото (иако за момент можеби мислиме дека сме).
Знаете што имаме ние родителите кои имаме повеќе од едно дете? Реални очекувања. Свесност дека е сосема во ред да не знаеме. Немаме искуство како да се справиме со сѐ што ќе ни се најде на патот – бидејќи брзо учиме дека секое дете е различно и нема едно правило кое има универзална примена и функционалност. Имаме само трошка повеќе доверба во себе, дека сме спремни повторно да учиме, повторно да растеме, заедно со индивидуалните потреби на нашите деца.
Така и за доењето – јас константно учам. Учам од моите приказни, од моите солзи, болка, тага, борба, фрустрација… учам од вашите несигурности, вашите дилеми, препреки на патот.. и верувам дека ако сме тука да си помогнеме, да пробаме да ги отвориме нашите светогледи, да пробаме да сфатиме дека целта е индивидуална, дека проблемот има многу повеќе агли од кои можеме да му пристапиме… и дека треба да сме си поддршка едни на други… бивањето родител ќе ни биде за нијанса полесно.
Од тука се роди и мојот проект „доење со љубов“. Решив да го споделам моето стручно познавање и така да сум поддршка на сите семејства на кои им треба – токму во првите моменти кои го означуваат почетокот на станувањето родител. Оние први моменти во кои навистина ни треба некој да е тука, да ни даде потврда дека првите чекори ни се во точна насока. Најголема желба ми е да исчезне стравот и несигурноста. А тоа се прави единствено со едукација.
И кога ќе сметате дека сте спремни – не да решите сѐ, туку дека знаете каде да се обратите ако ви треба помош – тогаш исчезнува стравот. Затоа што имате план. Имате стратегија.
А кога ќе исчезне стравот – останува само љубовта и уживањето. Нешто на што навистина треба да се темели доењето, за да биде она што треба да е – безусловна љубов, врска со нашите деца која ги води низ сите несигурности во првите години од нивниот живот.